/ Прочитано:

1.294

Можната еволуција на правосудниот испит не толку срдечно пречекана од правниците

Примена на информатичката технологија во процесот на полагање на правосудниот испит, поефикасен начин за испитување на знањето на правниците или катапултирање на кадри кои положиле на среќа? – прашање кое го отвори Предлог-законот за правосудниот испит кој моментно се наоѓа на разгледување во Законодавниот дом. Интересно е што нема некоја голема поделеност во однос на размислувањата помеѓу помладата и постарата генерација на правници, најголемиот дел од соговорниците на Академик не го одобруваат системот на заокружување, но наидовме и на едeн различен став. “Овој чекор е за поздравување и е конзистентен со европската и светската пракса. Сметам дека оваа мерка може да придонесе кон поефикасно спроведување на правосудниот испит и (по)непристрасна проверка на знаењето на кандидатите“, вели адвокатот Ѓорѓи Георгиевски.  

„Ме исцедија како лимон“, „4 месеци не сум излегол од дома“…- колку пати сте го слушнале ова од правник кој штотуку полагал правосуден испит или пак го спрема истиот!? Сепак, многу е веројатно дека досегашниот начин на полагање ќе добие нова форма откако пред пратениците се најде Предлог – законот за правосудниот испит кој предвидува полагање на испитот по електронски пат што некои го оценија како желба за девалвирање на истиот.

„Со оглед на развојот на информатичките технологии, се наметна потребата од унапредување на начинот на полагање на правосудниот испит што е сторено со предлагањето на овој закон. Во него се вградени и позитивните искуства од воведувањето на слични испити во рамките на Министерството за внатрешни работи кои се полагаат преку електронски пат. Исто така, при изготвувањето на Законот се земени предвид одредени решенија кои се однесуваат на студиите на случај содржани во законодавството на САД за полагањето на Bar Exam. Сметаме дека редизајнирањето на начинот на полагање, програмите кои се исклучително опсежни и комплементарни со бројните меѓународни стандарди и компаративни искуства, ќе придонесе за развивање на практичните вештини на кандидатите кои ќе го положат испитот“, се наведува во материјалот на Предлог-законот поднесен од страна на пратениците на владејачкaтa партија Илија Димовски, Силвана Бонева, Александар Спасеновски, Владимир Ѓорчев и Александар Николоски.

Кратко објаснување во однос на полагањето согласно Предлог-законот

Испитот се состои од два дела и тоа: прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и втор дел (студија на случај), со кој се проверува способноста за примена на законите во практиката. Се полага писмено по електронски пат, со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер.

  • Првиот дел од испитот се полага по предметите: 1) кривично право (кривично материјално и процесно право); 2) граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право); 3) трговско право; 4) трудово право и 5) уставно уредување на Република Македонија, организација на судството и управно право, право на Европската унија, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и Европскиот суд за човекови права.
  • Вториот дел на испитот се состои од опис на две студии на случај и тоа првата студија на случај по предметот кривично право (кривично материјално и процесно право) и втората студија на случај по предметот граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право) и прашања кои треба кандидатот да ги одговори врз основа на анализата на случајот.
Прашањата ги изготвуваат едукаторите во Академијата за судии и јавни обвинители определени од Управниот одбор на Академијата, а ги верификува Комисија составена од: претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јавниот обвинител на Република Македонија, претседателот на Апелациониот суд Скопје, претседателот на Апелациониот суд Битола, претседателот на Апелациониот суд Штип и претседателот на Апелациониот суд Гостивар.

Согласно одредбите од постојниот Закон, правосудниот испит се полага пред Испитна комисија составена од претседател и четири члена и нивни заменици, кои се именуваат од редовите на истакнати правници од практиката и од универзитетски професори по право и секретар на Комисијата од редот на вработените во Министерството за правда. Многу од правниците кои се помачиле околу правосудниот испит често знаат да се пожалат на некој член на Испитната комисија посочувајќи го како одговорен зошто морале да го полагаат правосудниот испит и по неколку пати. Пренесувајќи ги ваквите искуства на оние кои многу набрзо ќе се соочат со испитот, мислевме дека ќе наидеме на одобрување на новото законско решение, но изгледа дека младите правници многу повеќе сакаат да си ги пробаат ораторските вештини преку постојниот начин на полагање.

„Тешко на граѓаните кои ќе бараат правна помош“

Според Софија Бојковска која во моментов го спрема правосудниот испит, на овој начин се отвора можност една голема група на правници да положат без знаење – од среќа, вели тешко на граѓаните кои ќе бараат правна помош.

„Да се биде правник, особено адвокат, подразбира и умешност за вербално изразување, ораторски способности, комуникациски вештини, аналитичност, одвојување на она што е битно од небитно и способност за фокусирање на битни делови од текст, случај, ситуација и сл. До сега правниците при подготовката и спремањето за правосудниот испит сами се оспособуваа за во иднина да можат да ги применат сите овие способности. Со вака поставеното законско решение правосудниот испит ќе се сведе единствено на читање на база на податоци, 2000 прашања кои ќе бидат достапни за сите и 500 случаи за кои нема да има можност да се даде лично мислење туку повторно само можност за оптирачки одговори. Имајќи го во предвид и досегашниот систем на полагање на додипломски студии на правниот факултет Јустинијан Први – полагање со заокружување а,б,в,г,д – можноста да се положи без знаење – од среќа, излегоа дипломирани правници кои не го владеат вистински испитниот материјал. Правосудниот испит до сега беше единствениот филтер преку кој можеше да се помине едниствено ако сте добро подготвени и го владеете правото. Од сега, тешко на граѓаните кои ќе бараат правна помош, бидејќи проодност ќе има – но не и квалитетно знаење“, смета Бојковска.

Сличен став дели и Ивана Димкоска, студент на Правниот факултет „Јустинијан први“ .

„Системот на заокружување ни е добро познат од додипломските студии на Правниот факултет. Прашањето поставено, одговорите понудени, единствено што треба да се направи е да се препознае точниот одговор. Не ми се допаѓа овој систем на препознавање и сметам дека ова е погрешен начин за проверка на стручната оспособеност на правниците за самостојна примена на прописите во практиката и вршење на правни работи и сметам дека со ваквата промена на начинот на полагање не може да се постигне основната цел заради која се предлага овој закон, а тоа е зголемување на професионалноста и стручноста на кандидатите кои го полагаат правосудниот испит. Системот на заокружување според мене е систем на препознавање,систем на снаоѓање, а понекогаш и систем на среќа кој не гарантира знаење и разбирање на материјата“, вели Димкоска.

За Андријана Трпчевска исто така студент по право на скопскиот државен факултет, еден правник треба да биде добар говорник и логичар, нешто што според неа не може да се оцени преку заокружување. Признава дека можеби ваквиот начин би бил поефикасен, поекономичен, па можеби и по етичен, но од друга страна не се слага со предлагачите дека истиот се заснова на начелата на стручност, компететност и професионалност.

„Сведоци сме дека досегашното електронско полагање на додипломските студии придонесе да имаме огромна продукција на дипломирани правници, тоа електронско полагање го зголеми квантитетот, но и тоа како го намали квалитетот на дипломираните правници. Па, токму овој факт би требало да не наведе на тоа дека сепак правосудниот испит е она скалило кое доколку еден дипломиран правник го помине, тогаш тој навистина има квалитетно знаење во себе и навистина знае како да го примени позитивното право во пракса.  Доколку се дозволи правосудниот испит да се полага по електронски пат тогаш ќе го имаме истиот проблем како и со дипломираните правници, зголемен квантитет, но намален квалитет. Тоа ќе биде така бидејќи нема да им се овозможи на професорите и останатите членови на комисијата кои се истакнати правници да ја проверат основната алатка за работа на еден успешен адвокат – јазикот и неговите говорни вештини“, објаснува Трпчевска.

Генерацискиот јаз вообичаено е причина за несогласувања и различни размислувања, но изгледа дека не и во овој случај.

„Наречете ме конзервативен, ама според мене говорниот дел не може да се изостави,  правото не е пишана наука. Како и да замислуваат да го спроведат Законот, преку правосудниот испит мора да се испита елокветноста, начинот на изразување.  Во секој случај мора да има усмен дел“, укажува  проф. др. Кирил Чавдар кој во својата долгогодишна кариера бил адвокат и судија, а денеска професор, но и  автор на бројни книги од областа на правото.

Експертот по казнено право, проф. др. Никола Тупанчевски се сложува со своите студенти од Правниот факултет „Јустинијан први“, дека вака поставениот концепт е погрешен.

„Правосудниот испит треба да биде филтер преку кој ќе се испита знаењето на правниците. Ако се полага нешто со прагматичен концепт, како може истото да се полага на компјутер!? Според мене дозволиво е еден дел да биде електорнски, но главниот, носечкиот дел мора да биде усмен“, посочува проф.др. Тупанчевски.

На ваквите размислувања се надоврзува и извршителот Антонио Коштанов. 

„Го направија цел факултет електронски, а правото пред се е наука што се базира на реторика. Може нема да звучи толку модерно, но правната професија е професија која се одвива во четири очи“, вели Коштанов.

„Законското решение е за поздравување, примената e болката“

Изненадувачки, успеавме да најдеме и правник кој не гледа низ истите очила како голем број негови колеги. Според младиот адвокат Ѓорѓи Георгиевски воведувањето на примената на информатичката технологија во процесот на полагање на правосудниот испит е во согласност со европската и светската пракса и е чекор за поздравување. За разлика од останатите соговорници, токму постојниот начин на полагање го нарекува „во најмала рака контроверзен“. Сепак, адвокат Георгиевски акцентот го става на спроведувањето на Законот, скептик дека истиот доследно би се применил земајќи ја предвид досегашната пракса.

„Сметам дека оваа мерка може да придонесе кон поефикасно спроведување на правосудниот испит и (по)непристрасна проверка на знаењето на кандидатите. Дополнително, поделбата на испитот на теоретски дел т.е. одговарање на прашања од сите области на правото и практичен дел т.е. анализа и одговарање на прашања од дадена „студија на случај“ (т.е. „case study“) е исто така значајна новина со која ќе може на далеку подобар начин (во споредба со сегашниот начин на спроведување на испитот), да се провери и способноста на кандидатите да го применат своето знаење во пракса. Ако се земе предвид дека правосудниот испит треба да претставува своевиден „филтер“ за пристапот до правните професии во Македонија, а досегашното спроведување на истиот беше во најмала рака контроверзно (од аспект на тоа што голем број на „квази-правници“ добија можност да практицираат право), сметам дека новите законски решенија се во насока кон зголемување на интегритетот на испитот. Секако, мора да се напомене, дека во Македонија постои тенденција да се донесуваат добри законски решенија (вообичаено како резултат на хармонизацијата на домашното законодавство со ЕУ acquis communautaire), кои или не се спроведуваат доследно или се спроведуваат на често катастрофален начин. Поради ова морам да кажам дека сум скептичен дека со новиот начин на полагање на правосудниот испит ќе се намали пропустливоста на  „филтерот“ во скоро време. Времето ќе покаже дали сум во право или не сум – искрено се надевам дека не сум“, заклучува адвокат Георгиевски.

>> Предлог-законот за правосудниот испит можете во  да го проследите тука.


Автор: Елена Павловска Објавено: 6.03.2013