/ Прочитано:

2.371

МТСП: Искуствата од бегалската и мигрантската криза да се искористат во подобрување на системот за згрижување на бегалците и мигрантите

Бегалската криза со која се соочуваше Република Македонија од почетокот на 2015 до март 2016 година беше многу поразлична од оние што ги паметиме во 90-тите години, кои беа резултат на воените конфликти на подрачјата на поранешна Југославија. Овој пат, стотици илјади луѓе дојдоа од сосема други краишта на светот, на сосема непозната територија. Голем дел од нив воопшто немаа слушнато за Македонија. Справувањето со овој проблем беше голем предизвик за целокупното општество иако на почетокот институциите не беа целосно подготвени за решавање на ова прашање.

800 илјади бегалци и мигранти поминаа низ Македонија во текот на изминатите две години. Земјава, која беше дел од таканаречениот Западнобалкански коридор по кој минуваа стотици илјади луѓе од Блискиот Исток и од Африка кон нивните крајни дестинации, односно кон земјите од Европската Унија, се соочи со сериозен предизвик, бидејќи оваа бегалска криза беше многу поспецифична од претходните масовни приливи на бегалци во Македонија.

„Бегалската криза со која се соочуваше Република Македонија од почетокот на 2015 до март 2016 година беше многу поразлична од оние што ги паметиме во 90-тите години, кои беа резултат на воените конфликти на подрачјата на поранешна Југославија. Овој пат, стотици илјади луѓе дојдоа од сосема други краишта на светот, на сосема непозната територија. Голем дел од нив воопшто немаа слушнато за Македонија. Справувањето со овој проблем беше голем предизвик за целокупното општество и морам да кажам дека на почетокот институциите не беа целосно подготвени за решавање на ова прашање. Мотивирачки чекор за сите нас беа активностите на граѓанскиот сектор, односно во голема мера придонесоа дел од нивните активности да се преточат во политики на владините институции и на меѓународните здруженија“, потенцираше претставникот на УНХЦР во Македонија, на денешната работилница насловена „Научени лекции и одговор на хуманитарните потреби во бегалската и мигрантската криза во Република Македонија“.

Работилницата ја организираше Министерството за труд и социјална политика, кое беше и сè уште е активно вклучено во целокупниот процес на прифаќање, згрижување, обезбедување соодветна здравствена заштита, како и давање правна помош за мигрантите и бегалците.

„Концептот на транзит беше хуманитарен предизвик и за сите соседни земји, вклучително и земјите-членки на Европската Унија. Во соработка со надлежните државни институции, домашни и меѓународни партнерски организации и донатори, како прв чекор кон новонастанатата миграциска криза, беа отворени двата транзитни центри, Винојуг-Гевгелија на грчката граница и транзитниот центар Табановце на српската граница на северот на земјата. Тие функционираа само како поддршка во процесот на транзит и патување на бегалците кон Западна Европа, со концептот на обезбедување еднократна хуманитарна помош, основна здравствена – прва помош и решавање на специфичните случаи од социјална заштита, како на пример, заштита на непридружувани малолетници. Овој концепт значително се промени со затворање на границите на таканаречената Балканска рута, со одреден број бегалци кои останаа присутни на територијата на Македонија, со што транзитните центри се претворија во привремени прифатилишта за мигрантите, кои, всушност, немаат решен статус во Република Македонија. Од овие причини, и одговорот кон згрижувањето и давањето заштита на другите мигранти беше предизвик за институциите во контекст на потребите од формалниот пристап кон системот на овозможување соодветна заштита“, истакна министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Воедно, Ибрахими нагласи дека како министерство задолжено за згрижување на барателите на азил, заштита на лицата со признаен статус на бегалци и лица под супсидијарна заштита и одговорно за процесот на локална интеграција на бегалците и странците кои престојуваат во Република Македонија, целта е да се обезбеди еден целосен систем на заштита за овие лица, вклучително и концепти на таканаречената рана интеграција на бегалците.

Денешниот настан беше организиран со цел сите инволвирани страни во бегалската и мигрантската криза, државните институции, меѓународните организации и граѓанскиот сектор, врз основа на заеднички инпут и анализа, да работат во насока на подобрување на системот на згрижување на бегалците и мигрантите.

А. Б.