МТСП: Корисниците на правата од социјална и детска заштита да го запазат рокот за годишна обнова на документацијата
Според членот 50, став 3 од Законот за социјалната заштита, носителот на правото на социјална парична помош е должен еднаш годишно да поднесе документација за материјалната и бројната состојба на домаќинството. Во насока на исполнување на оваа законска обврска, Министерството за труд и социјална политика преку надлежните центри за социјална работа годишната обнова за корисниците на правото на социјална парична помош ја спроведува и оваа година.
Министерството за труд и социјална политика информира дека рокот за обнова на документацијата за остварување на правата од областа на социјалната заштита истекува во петок на 27 јануари.
Сите корисници кои досега не го сториле тоа треба да се обратат во најблиските центри за социјална заштита и да се пријават.
Постапката за обнова на документацијата се прави еднаш годишно.
Имено, според членот 50, став 3 од Законот за социјалната заштита, носителот на правото на социјална парична помош е должен еднаш годишно да поднесе документација за материјалната и бројната состојба на домаќинството. Во насока на исполнување на оваа законска обврска, Министерството за труд и социјална политика преку надлежните центри за социјална работа годишната обнова за корисниците на правото на социјална парична помош ја спроведува и оваа година.
„Потребната документација за материјалната и бројната состојба на домаќинството за корисниците на правото на социјална парична помош за законската годишна обнова се прибавува по службена должност по електронски и по писмен пат, во согласност со Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош и во согласност со потпишаните меморандуми за соработка со надлежните институции: Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија, Управата за јавни приходи на Република Македонија, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Агенцијата за катастар на недвижен имот на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матични книги и Народната банка на Република Македонија. Стручните работници од корисниците потребно е да побараат единствено само на увид важечка лична карта за нив и за останатите полнолетни членови во домаќинството и писмената согласност на подносителот/корисникот за користење на неговите лични податоци во постапката за остварување и користење на правото на социјална парична помош, која се дава на образец – изјава, кој е пропишан и е составен дел на Правилникот“, изјави министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.
Од 19 декември, терминот кога започна обновата на документацијата, па досега, во центрите за социјална помош се пријавиле околу 22 илјади корисници, нагласи министерот, а до крајот на неделава, како што рече, се очекува да се пријават уште неколку илјади корисници на права од социјална заштита.
Ибрахими истакна дека е во тек и обновата на документацијата за детските права, односно посебниот додаток за дете, детски додаток и родителски додаток за трето и четврто дете.
Рокот за обнова на оваа документација ќе трае до 31 март.
„Носителите на правата се должни лично или преку полномошник да ги пополнат барањето и изјавата за лични податоци и да ги достават бараните документи кои не се обезбедуваат по службена должност. За добивање посебен додаток потребни се на увид лични карти од двајцата родители или само на едниот родител во оригинал. За право на детски додаток потребна е потврда од работодавачот за висина на платата за претходната година и потврда за редовен ученик, а за родителски додаток за трето или четврто дете потребни се потврда за вакцинација, потврда од суд за неодземено родителско право и, доколку детето за кое е остварено правото е на школска возраст, потврда за редовен ученик“, истакна Ибрахими.
Министерот информираше и за работниот состанок со Комората на извршители, а во врска законските измени кои се од значење за корисниците на социјална помош. Според новите законски измени, пред да се направи блокирање на сметка, извршителите писмено или по електронски пат треба да побараат информација од месно надлежните центри за социјална работа за тоа дали лицето е корисник на одредено право од областа на социјалната или детска заштита.
А. Б.