/ Прочитано:

2.204

МТСП: Модел за преглед на занимања

Моделот за преглед на занимања е специјализирана веб-платформа (www.zanimanja.mk) на која може да се пребарува според заработувачката, според нивото на образование и занимање и која на годишно ниво  ќе се ажурира со најнови статистички податоци.

„Информациите кои се презентирани во прегледите за занимањата на информативниот портал се однесуваат на: активностите на занимањата, задолженијата на работното место, повредите и болестите на работното место, потребното образование, просечната месечна нето-заработувачка, работната средина, распоредот на работата, слободните работни места и други податоци за конкретното занимање“, информираат од МТСП.

На веб-страницата младите лица  од 15 до 29 години можат да се информираат за занимањата кои се најбарани на пазарот на трудот за нивна подобра професионална ориентација, односно за избирање на занимање со кое полесно ќе најдат работно место на пазарот на трудот или нивна преквалификација и доквалификација.

Целта на моделот е обезбедување поверодостојни информации за побарувачката на работна сила и влијанието на среден и долг рок врз намалувањето на несовпаѓањето на понудата и побарувачката на работна сила.

Моделот за преглед на занимања, заснован врз  податоци од: Анкетата на работна сила,  Анкета за структура на заработувачката, Анкета за побарувани занимања, анкетни истражувања на работодавачите, податоци за слободните работни места и податоци за образованието, го изработија Министерството за труд и социјална политика и Меѓународната организација на трудот (МОТ) со експертска и техничка помош, во рамките на првиот приоритет „Подобрување на усогласеноста на понудата на вештини со барањата на пазарот на трудот“ од Националниот акциски план за вработување на млади лица 2020 година,  преку проектот „Решенија за вработување на младите преку локален социјален дијалог“.

М.В