/Прочитано:

489

Музичката индустрија под диригентство на публиката: Дигитализацијата го измени синџирот вредности на аудиопазарот

Музичката фела години наназад доживува шокови со далекусежни последици. Новите форми на дистрибуирање аудиозаписи како дигитални добра преку интернет мрежата драматично ги менуваат пазарните структури во музичката индустрија. Развојот на дигиталните аудиоформати и уредите за нивно преслушување го доведе пред укинување производството на некогаш популарните компакт дискови, а симултано ги менуваат и улогите на играчите во традиционалниот синџир на вредности во музиката. Бодан Арсовски, член на легендарниот состав „Леб и сол“, сега во улога на директор на здружението „Македонска музичка индустрија“ (ММИ) настојчиво прави усилби за колективно управување на интелектуалните права кај нас сред изменетиот тек на светските музички води.

Под диктатот на модерната технологија, дигиталната музика рапидно станува најпретпочитан избор на музичките консументи. Современите уреди за преслушување дигитални аудиоформати како ајподот на гигантот „Епл“, со својата сè пожестока популарност наложуваат сè поголема побарувачка за музика во дигитален формат. Досега, „Епл“ има продадено милиони копии од својот ајпод и за да го зголеми уделот на пазарот нуди повеќе негови верзии. Компакт дискот остави свој белег на многу станици во музичката историја, но фактот што економски нуди далеку помала вредност од дигиталните музички сервиси ја избледни неговата слава, оставајќи го заборавен на семејните полици. Како што наведува музичкиот магазин „Сајдлајн“, дистрибуцијата и складирањето на компакт дисковите се неисплатливи во денешни услови, па неговото напуштање е „сосема разумен чекор“ напред кон иднината.

За разлика од компакт дискот, дигиталните музички уреди, со својот завиден складишен капацитет ги прават музичките колекции лесно преносливи и ја унапредуваат нивната корисност кај потрошувачите. Наместо да се потпира на компакт диск со музика избрана од изведувачот или од музичката куќа, слушателот сега самостојно избира кои песни ќе ги купи и преслуша, креирајќи на тој начин збирка според сопствениот вкус. Оваа изразита селективност при купувањето дигитална музика, како и зачестеното нелегално симнување музички содржини, доведувајќи до значително намалување на приходите во музичкото творештво, му припишува на потрошувачот својство на вистински „контролор“ на музичката индустрија. Соочени со ваков тренд, продуцентските куќи и изведувачите од година на година ги зголемуваат цените на влезниците за своите концерти, што јасно ја покажува сè поголемата зависност на музичката индустрија од перформансите во живо како најсигурен канал за заработка. Васил Ѓуроски, повеќегодишен музички менаџер и букинг агент, со измешани чувства гледа на развојните музички текови во Македонија.

„Продажбата на компакт дискови веќе со години глобално опаѓа. Сепак, иако веќе влеговме во 2013 година, не верувам дека прекинот на произведувањето компакт дискови ќе оди така лесно. Ако погледнете подобро, ни плочата сè уште не умрела, а касетите се враќаат во живот, но на крајот на краиштата, сè е прашање на личен избор. Без оглед на сè, македонскиот музичар, не заработува од продажбата на дискови, бидејќи таа, за жал, е на катастрофално ниско ниво во нашата држава. Причина за тоа, секако, се новите технологии, но во многу понагласена мера — културата на нашиот народ. Тоа е најзабележливо во однос на домашните концерти. Со оглед на фактот што културната едукација во Македонија е сведена на разбирање дека музичкиот настан е гратис, „концертна влезница“ е апстрактна именка. Ако кон тоа додадете дека повеќе од дваесет години домашниот колач од музичките права никогаш не бил правично распределен, ситуацијата станува уште помрачна. Луѓето кои заслужуваат дел од колачот, просто, никогаш го немаат видено тој колач во својот живот. Секој музичар е гладен и сака да си го добие заслуженото, а ММИ и ЗАМП се раководени од музичари; дали ќе дозволат колачот да се подели како што треба, останува да видиме.“, вели Ѓуроски.

Македонија последна во регионот за уредување на интелектуалната сопственост во музиката

Дигиталните музички производи носат низа обележја што сериозно влијаат врз пазарните структури. Како и останатите видови електронски информации, дигиталната музика лесно и со минимален трошок се продуцира, пренесува, складира и пребарува. Фактот што дигиталните музички датотеки може да се модификуваат  им овозможува на музичките компании да ги менуваат својствата на музичките дела и да ги нудат по различни цени, во зависност од нивниот квалитет. Дотолку повеќе, приспособливоста на дигиталните добра овозможува консументот да се снабди со дополнителни содржини. Потрошувачите ја вреднуваат во голема мера оваа особина, зашто можат самостојно да ја приспособуваат музиката што ја купуваат, но со тоа ги ставаат под знак прашалник употребата и оригиналноста на музичкото дело. Оттука, промените на пазарот носат деликатни консеквенции врз правото на интелектуална сопственост. Потврдувајќи ја сериозноста на ова прашање кај нас, Бодан Арсовски, член на легендарниот состав „Леб и сол“, актуелен директор на ММИ, вели дека Македонија останала меѓу последните држави каде правото на интелектуална сопственост не е доследно регулирано.

„Искуствата од регионот јасно покажуваат дека заштитата на колективните и сродни права е единствениот и вистинскиот пат кон модерна заштита на интелектуалната сопственост. Македонија уште од 1996 година законски донесе одлука за уредување на сродните права, но нејзината имплементацијата досега затајуваше. „Македонската музичка индустрија“, како организација за застапување на интересите на изведувачите и произведувачите на фонограми настојува да ја стекне довербата на сите засегнати страни во оваа проблематика, зашто е во нивни интерес да се оствари цивилизираното почитување на интелектуалната сопственост. Според досегашниот тек на настаните, мислам дека одиме во вистински правец на доближување до европското семејство во оваа сфера“, истакнува Арсовски.

Неговата заложба ја поддржува и Паоло Сфеци од Хрватското здружение за заштита на изведувачките права (ХУЗИП), кој при својата посета на Скопје мошне пластично ја илустрира неопходноста од доследно спроведување на законите во делот на интелектуалните права.

„Како што бензинот е гориво на моторните возила, така музиката е гориво на радиостаниците. Возилото не може да го користите ако не платите за горивото. Слично на тоа, ако музиката се тргне од радиоетерот или од кафулињата, ќе настане неподнослива тишина. Оттука, не може сопствениците на радиостаници или угостителски објекти да профитираат без да им се даде дел од колачот на оние кои најмногу придонесуваат кон него, т.е. на музичките уметници. Дискусијата во Македонија не смее повеќе да биде насочена кон тоа дали, туку колку треба да им се даде на изведувачите и произведувачите на фонограми. Нашето здружение во Хрватска годишно води околу две до три илјади судски спорови кои речиси секогаш завршуваат во полза на музичките уметници, зашто во законот јасно стои какви права имаат тие и што им следува. Во таа смисла, Македонија мора што поскоро да ја тргне од себе моментната цивилизациска срамота произлезена од неволоста за вреднување на сопственото музичко творештво. Не е доволно да имате само желба — потребна е цврста волја!“, порача Сфеци.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 24.01.2013