МВР: Кочанчанец им се заканувал на свои сограѓани дека ќе ги убие доколку излезат и гласаат на локалните избори

Недела, 7 април 2013 – Според Министерството за внатрешни работи, изборниот ден минува мирно, во фер и демократска атмосфера. Оттаму велат дека најкарактеристичен случај е кршењето на капакот на гласачката кутија што се случи во избирачко место во Струмица, при што одговорното лице е приведено во полициска станица.  Против едно лице од Кочани, поднесена е кривична пријава за повреда на слободата на определување на избирачите, а во Струга е приведен албански државјанин поради сомнение дека гласал со македонски документ.

Досега, заклучно со 14 часот, информираше на денешната прес – конференција портпаролот на МВР Иво Котевски, не е регистриран ниту еден посериозен инцидент, ниту пак до МВР се пристигнати пријави за какво било поголемо нарушување на избирачкиот процес.

„Во моментов гласањето се одвива без проблеми на сите, над 1.600 гласачки места. Само на неколку избирачки места, поради помали проблеми, дојде до прекин на гласањето кое подоцна продолжи“, посочи Котевски.

Најкарактеристичен е случај според МВР е оној во Струмица, каде во основното училиште „Маршал Тито“ гласањето е прекинато во 09.18 часот. Според пријавата на гласачкото место 1.734, 29- годишно лице од Струмица го скршило капакот од гласачката кутија. Лицето веднаш е приведено во Полициската станица во Струмица за натамошна постапка, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на денешниот ден кривична пријава поврзана со изборите е поднесена и против 49-годишно лице од Кочани, осомничено дека сторил кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите“.

Како што појасни портпаролот на МВР, вчера три лица од Кочани пријавиле дека биле пресретнувани од осомничениот кој им упатувал сериозни закани дека ќе посегне по нивните животи доколку излезат и гласаат на локалните избори. Од страна на полициски службеници, тој  е затекнат додека управува патничко моторно возило „форд мондео“, а при извршен преглед во возилото се пронајдени нож и дрвена палка. Тој е приведен, а денеска со кривична пријава предаден на надлежниот Јавен обвинител.

Карактеристичен случај, подвлече Котевски, е регистриран и во струшкото село Радолишта каде на гласачко место 1.876 е приведен албански државјанин поради сомнение дека гласал со македонски документ.

„По преземени мерки е утврден идентитетот, се работи за 24-годишно лице против кое, Полициската станица во Струга ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „злоупотреба на избирачко право“, рече Котевски.

Во Радолишта на соседното избирачко место 1877, во 11,44 часот, овластен партиски набљудувач пријавил на полициските службеници дека бил отстранет од страна на избирачкиот одбор.

Штабот на МВР, потенцира Котевски, во кој што партиципираат и претставници на меѓународните мисии во земјава продолжува да работи и се разгледуваат сите информации кои ќе пристигнат до полицијата.