/ Прочитано:

1.091

МВР: Сопружници од Скопје тргнале да купуваат половен автомобил, ограбени и повредени завршиле во болница

Среда, 5 јуни 2013 – СВР Охрид поднесе кривична пријава против 37-годишниот Г.П. и 37-годишниот Г.П. двајцата од Охрид, поради сомневање дека сториле „разбојништво“. Лицата се сомничат дека го издрогирале и ограбиле брачниот пар од Скопје кој пристигнал во Охрид, со цел од нив да купи половен автомобил. 

Од СВР Охрид информираат дека осомничените на социјалните мрежи поставиле оглас за продажба на патничко возило „мерцедес ЦЕ 220“ произведено 2002 година по цена од 3.500 евра. Преку огласот успеале да измамат брачна двојка од Скопје да допатува во Охрид. Првопријавениот на 3 овој месец на автобуската станица во Охрид, по претходен телефонски договор, ја пречекал брачната двојка Р.Ѓ. и С.Ѓ. од Скопје.

„По нивната средба во Охрид, првопријавениот кој на брачната двојка лажно им се претставувал користејќи го името Сашо, ги одвел во својот стан на улицата „Мирче Ацев“ каде им кажал дека неговата сопруга за брзо време ќе дојде и ќе го донесе возилото. Ги послужил сопружниците со инстант нес кафе и со кисела вода. Набрзо тие почувствувале замаеност и зашеметеност по што се губи нивната меморија“, соопштува СВР Охрид.

Сопружниците, според полицијата, не се сеќаваат кој, кога и како ги изнел од станот. Од ташната на жената биле одземени пари, 2.800 евра и 58.000 денари.

„ Истиот ден, околу 18 часот и 40 минути, откако се освестил сопругот Р.Ѓ. забележал дека лежи на трева во планински предел, а позади себе ја забележал и сопругата. Од мобилниот телефон на сопругата се јавил во СВР Охрид и кажал дека не знае каде се наоѓа и дека гледа шума и езеро. По кратко време на патот во близина на местото каде се наоѓала брачната двојка се појавило  возило по што Р.Ѓ. од луѓето во возилото дознал дека се наоѓа во место викано „Корита“, појаснуваат под СВР Охрид.

Брачниот пар бил пренесен во Општата болница во Охрид, каде е констатирано дека се работи за употреба на средство за успивање и забележани се траги на насилство, односно нанесени им биле набиеници во пределот на градниот кош, екстремитетите и главата.

По извршениот претрес во домот на првопријавениот, одземени се повеќе предмети кои се испратени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје. Првопријавениот е приведен, додека другото лице е во бегство поради што СВР Охрид презема мерки за негово пронаоѓање.