/ Прочитано:

949

МВР ги истражува причините за несреќата во која загина новинарот Младенов – телото е предадено на обдукција

Среда, 27 март 2013 – Телото на трагично загинатиот новинар и сопственик на неделникот и дневниот весник „Фокус“, Никола Младенов, е извлечено од возилото во кое загина и е предадено во судска медицина, потврдуваат од МВР. 

Обдукцијата треба да покаже како, и од што настапила смртта, а од увидот треба да се утврдат причините за несреќата. Според полицијата, се проверува и техничката исправност на возилото, како и евентуална можност од диверзија или вмешаност на друго возило во несреќата.

Полицијата го обезбеди теренот кај клучката близу населбата Хиподром на влезот на Скопје, веднаш по 13 часот, кога завршила потрагата по возилото. Во полициска станица пријавила сопругата на Младенов која утринава била во паника од сознанието дека го немало цела ноќ, а не се јавувал ниту на телефоните.

Погребот на Младенов ќе биде утре во 14.30 часот на Градските гробишта во Бутел, а претходно во Младинскиот културен центар, во 11 часот ќе се одржи комеморација во негова чест. Редакцијата на „Фокус“ соопшти дека утре излегува вонредно и бесплатно издание на весникот на 16 страници, посветено нему.