/ Прочитано:

1.047

MВР: Изборите се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, без ниту еден посериозен инцидент

Недела, 24 март 2013Локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, без ниту еден посериозен инцидент оцени денеска Министерството за внатрешни работи. Досега биле доставени неколку поплаки и претставки и по сите се постапува, а повеќето се расчистени, информираат оттаму.

Од МВР денеска информираа дека најголемиот дел од избирачките места или над 99 отсто навреме се отворени и гласањето тече без никакви проблеми во демократска атмосфера.

– До 14 часот не е регистриран ниту еден посериозен инцидент и немаше потреба од посебна интервнеција на полицијата. Гласањето на избирачките места се одвива без проблеми и без нарушување на избирачкото право, изјави Иво Котевски, порпарол на МВР.

На некои места, спроед него, имало задоцнување и мали прекини при гласањето заради технички причини и поситни забелешки, но тоа генерално не влијаело на избирачкиот процес досега. Котевски укажа дека Оперативниот штаб во МВР функционира постојано, а во него се присутни претставниците на меѓународната заедница и набљудувачките мисии.

До МВР доставени се неколку поплаки и претставки и по сите се постапува, а повеќето се расчистени.