/Прочитано:

334

МВР: Кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување

„Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а поради постоење основа сомнение за сторено кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување, по член 353 став 5 од КЗ на РСМ, поднесе  кривични пријави против лицата С. Ј.(59), Т. Ѓ(62), В. С.(43), М. Т. (59) и Р. Д. (60) сите од Скопје“, соопшти на денешната прес-конференција портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски.

„Истовремено, поднесена е кривична пријава и против лицата Г. Р. (51) во својство на управител на „Гром промет“ ДООЕЛ Скопје, Ч. А.(67) во својство на управител на „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, С. П. (53) во својство на управител на „ДОТ мебел“ ДООЕЛ Скопје, и Т. К. (58) во својство на физичко лице, а поради постоење основи на сомнение дека го сториле кривичното дело – поттикнување, по член 23, а во врска со кривичното дело – злоупотреба на службена положба и овластување, по член 353 став 5 од КЗ на РСМ. Во текот на денот, со наредба за приведување пред судија на претходна постапка веќе се изведени лицата С. Ј., Т. Ѓ и В. С..

Според документираните сознанија од истрагата, пријавените С. Ј. – во својство на градоначалник на Општина Карпош, Т. Ѓ. во својство на раководител на Одделението за недвижен имот и постапка за експропријација на недвижности во Секторот за правни работи на Општината, В. С. во својство на виш соработник во Одделението за спроведување на урбанистички планови во Секторот за урбанизам при Општина Карпош, М. Т. во својство на вработена во Одделението за просторно и урбанистичко планирање во Секторот за урбанизам во Општина Карпош и Р. Д. во својство на вработена како извршител на работи од областа на архитектонски планирања во Општина Карпош,постапувајќи по барања за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на ул. „Илинденска“, на катастарски парцели во Општина Карпош, во периодот од 2011 до 2017 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и ги пречекориле границите на своите службени овластувања“, рече Ангеловски.

Имено, тие преземале дејствија кои не смееле да ги преземат, иако знаеле и согласно својата службена положба и овластувања биле должни да знаат дека објектите за коишто се поднесени барањата за утврдување на правен статус од страна на правните субјекти „Гром промет“ ДООЕЛ Скопје, „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, „ДОТ мебел“ ДООЕЛ Скопје, како и барањето поднесено од физичкото лице, пријавениот Т. К. всушност не се бесправно изградени објекти, туку биле времени објекти односно монтажно/демонтажни бараки поставени на градежно неизградено земјиште во сопственост на државата и дека согласно законските одредби не смеело да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

„Сепак, и покрај сето ова, пријавените С. Ј., Т. Ѓ, В. С., М. Т. и Р. Д. постапиле по поднесените барања и, спротивно на законот, на времените објекти им дале третман на бесправно изградени објекти, притоа давајќи согласност за вклопување на времените објекти во урбанистичко-планската документација. Така, со потпишување на решение за утврдување на правен статус на времените објекти како да се бесправно изградени објекти на подносителите на барањата им овозможиле да ги запишат објектите во јавните книги за недвижности како легални објекти во нивна сопственост и со тоа да ги исполнат условите да имаат ексклузивно право да извршат откуп на земјиштето, сопственост на Република Северна Македонија согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти, а спротивно од Законот за градежно земјиште, според кој пак времените објекти не се дел од градежното земјиште и не може да бидат основ на барање за стекнување со право на сопственост врз градежното земјиште на коешто се поставени“, соопшти Ангеловски.

На тој начин службените лица од Општина Карпош им овозможиле на правните лица „Гром промет“ ДООЕЛ Скопје, „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, „ДОТ мебел“ ДООЕЛ Скопје, како и на физичкото лице Т. К. на незаконски начин да се стекнат со право на сопственост на објекти и ексклузивно право на откуп на земјиште под објект во сопственост на државата.

Така,  на правното лице „Гром промет“ ДООЕЛ Скопје му овозможиле противправно да стекне имотна корист во вид на градежно земјиште во сопственост на државата во вкупна површина од 1.533 метри квадратни, кое како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од  најмалку 27.594.000 денари (или 448.683 евра), а на правното лице „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје,  противправно да стекне имотна корист во вид на градежно земјиште во вкупна површина од 722 м2, кое, пак, како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од  најмалку 12.996.000 денари (или 211.317 евра). Исто така со ваквите незаконски дејствија на службените лица од Општина Карпош на правниот субјект „ДОТ мебел“ ДООЕЛ Скопје и на физичкото лице Т.К. им  било овозможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште под објект во сопственост на државата во висина од 450 денари по квадратен метар иако, доколку се одржело јавно наддавање почетната стартна цена би била 300 евра од метар квадратен“, се вели во соопштението на МВР.

Соопштение на Јавното обвинителство за постапката против поранешниот градоначалник Јакимовски и повеќе лица

М.В