МВР со силно обезбедување на денот на избори, порачуваат дека нема да се толерира нарушување на изборниот процес
Петок, 22 март 2013 – Со денешниот ден практично завршуваат сите активности поврзани со обезбедувањето на кампањата и предизборниот период. Засега не се пријавени, ниту регистрирани никакви проблеми, информира МВР во пресрет на денот на изборите. „Нема да се толерира никаква узурпација или нарушување на изборниот процес“, порачува министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
„Уште еднаш би сакала да апелирам граѓаните и политичките партии да покажат висока свест и да не дозволат да бидат вовлечени во какви било изборни инциденти или нерегуларности. Нема да се толерира никаква узурпација или нарушување на изборниот процес“ изјави министерката Јанкулоска на денешната прес конференција.
Со полициска придружба вчера е извршен транспорт на доверлив избирачки материјал од печатницата во Битола „Киро Дандаро“ до седиштата на 80 општински изборни комисии. На денот на изборите во недела МВР ќе ги обезбедува 2.976 – те избирачки места од 06 до 19 часот, односно се до целосно завршување на гласањето и на работата на избирачките одбори. Обезбедувањето, појасни Јанкулоска, опфаќа физичка безбедност на објектите каде се наоѓаат гласачките места и приодот до нив за време на гласањето, физичка безбедност на гласачките материјали и лична безбедност на гласачите, кандидатите, партиски работници или претставници, членови на ИО, акредитирани набљудувачи и воопшто јавноста.
„Ќе се преземат сите неопходни мерки за отстранување на потенцијалните закани по безбедноста во овој период“, истакна Јанкулоска. Додава дека ќе се преземат и мерки за отстранување на спречување, заплашување или малтретирање гласачи, при евентуални закани насочени кон членовите на органите надлежни за спроведување на изборите, овластените набљудувачи, медиумите, спречување носење оружје на јавни места, а посебно да не се дозволи носење оружје во и околу гласачките места.
Мерки кои МВР ќе ги преземе доколку е неопходно:
- попречување на евентуални обиди за спречување на слободата на движењето на гласачите до и од гласачките места;
- спречување заплашување или малтретирање на гласачи;
- превземање мерки при евентуални закани насочени кон членовите на органите надлежни за спроведување на изборите, овластените набљудувачи, медиумите;
- спречување на напади, оштетување на објектите каде се врши гласањето, спречување на оштетување и одземање на избирачкиот и гласачкиот материјал на гласачките места;
- воспоставување на евентуално нарушен ЈРМ на гласачкото место по барање на Избирачкиот одбор;
- спречување носење на оружје на јавни места а посебно да не се дозволи носење на оружје во и околу гласачките места.
По завршувањето на изборите ќе бидат преземени сите мерки и за обезбедување услови за:
- непречено сумирање на резултатите од гласањето и непречена работа на Избирачките одбори и Општинските изборни комисиии;
- обезбедување на изборниот материјал во сите фази на доставувањето;
- ќе се обезбедат сите објекти каде се сместени гласачките места;
- ќе се обезбедат избирачките одбори и избирачкиот и гласачки материјал и ќе се отстранат сите неовластени лица од објектите;
- ќе се обезбедат членовите на избирачкиот одбор за време на сумирањето на резултатите од гласањето и избирачкиот и гласачки материјал при доставување од гласачките места до Општинските изборни комисии, ако тоа биде побарано од страна на Избирачкиот одбор или по оценка на полицијата;
- ќе се обезбедат сите објекти каде се сместени Општинските изборни комисии и доставениот избирачки и гласачки материјал и ќе се обезбедат членовите на ОИК.
Од МВР потсетуваат дека учесници во претходните изборни нерегуларности биле и 30 членови на избирачки одбори, најчесто како сторители на кривични дела „повреда на избирачко право“ и „злоупотреба на избирачко право“, од кои 16 се од женски пол, а 14 од машки пол. Од нив 23 лица биле членови на избирачките одбори, четворица претседатели на избирачки комисии, а тројца заменици-претседатели. Според местото на вршење на должноста најмногу се од подрачјето на Тетово-15, девет лица се од Дебар и шест се од Охрид. Покрај нив, во изборните инциденти учествувале и двајца овластени набљудувачи, од подрачјето на Тетово и Скопје.
Во изборните инциденти исто така учествувале и пријавени се и 12 припадници на полицијата, најчесто за извршени кривични дела „спречување избори и гласање“ и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Најмногу полициски службеници се од подрачјето на Тетово-седум, двајца се од Гостивар и по еден припадник од Скопје, Дебар и Струмица.