/ Прочитано:

2.261

МВР: Унгарското министерство потврди дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил

„По направените соодветни проверки, Министерството за внатрешни работи утврди дека лицето Никола Груевски, кое се бара заради извршување на казна затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание, се наоѓа во Република Унгарија. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија доби и потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил. Министерството за внатрешни работи го информира Основниот суд Скопје 1, по што Судот треба да издаде решение за распишување на меѓународна потерница за осуденото лице Никола Груевски“, се вели во соопштенито на МВР.

Претходно МВР распиша национална потерница откако беа направени три обиди од судските курири да му го врачат упатниот налог за отслужување на двегодишната затворска казна.

Вчера МВР во неколку наврати се обиде да го најде Груевски во неговиот дом. Потрагата продолжи во седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата вршеше претрес и на возилата кои излегуваа од на катната гаража „Тодор Александров“. Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека Груевски не е во седиштето на партијата и дека се работи за политички прогон. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на прес-конференција рече дека партијата е под полициска опсада.

„Ова не е само напад врз ВМРО-ДПМНЕ, ова е напад врз слободата, врз главната опозициска сила, врз критичката мисла, каков што не познава модерна Европа и пошироко во светот“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Пасошот на Никола Груевски му е одземен на 3 јули 2017 година со одлука на Кривичниот суд, а на барање на СЈО за случајот „Титаник“.

М.В