/ Прочитано:

2.218

МВР за новите измени на Законот за странци

Се известуваат сите физички и правни лица (државјани на странски држави, државјани на Р.С.Македонија, даватели на услуги за сместување на странци, образовни институции, органи на државната управа, стопански, културни и други субјекти) дека од 04.01.2022 година отпочнаа со примена измените и дополнувањата на постојниот Закон за странци.

Во насока на соодветно запознавање на заинтересираните субјекти, информираме за најважните измени кои ќе имаат влијание на постапките за регулирање привремен и постојан престој, евиденција на странци од страна на правните и физичките лица кои даваат услуги на сместување на странци со наплата, како и за измените поврзани со намалување на висината на прекршочните глоби:

1. Покрај дефиницијата за незаконски влез во РСМ, се утврдуваат и критериумите за незаконски излез (член 10), како и за незаконски престој (член 147 став 1 алинеја 1).

2. За патувања заради посетување на курсеви, студирање или професионална обука, како доказ за целта и околностите за предвидениот престој може да се користи и потврда од компанија, заради посетување на стручни или теоретски курсеви во рамки на основна или напредна обука (член 14 точка б алинеја 1).

3. За време на престојот во С.Македонија, странецот е должен да ја користи патната исправа со која влегол во државата (член 22).
4. Откажувањето на краткорочен престој на странец, рокот во кој истиот е должен да ја напушти територијата на РСМ, како и времето за кое на странецот му е забрането повторно влегување во РСМ (член 70 став 5), податок за одземен привремен престој (член 127 став 8), податок за одземен постојан престој ( член 137 став 7), како и податок за враќање на странецот (член 148 став 7) се запишуваат во патната исправа на странецот, доколку ја поседува.

5. Се овозможува регулирање привремен престој и со цел изучување јазик на кој се изведува настава, за странец кој има намера да престојува во РСМ по основ на школување или студирање (член 71).

6. Наместо досегашниот услов за одобрување привремен престој (да не постојат причини за одбивање на влез), се воведува услов странецот да не претставува закана за јавниот поредок, национална безбедност, јавното здравје или за меѓународните односи на РСМ (член 72).

7. Со барањето за одобрување привремен престој, странецот е должен да даде на увид валидна патна исправа и да достави заверен препис на истата (член 73).

8. Странецот кој поднел барање за одобрување привремен престој во МВР поради хуманитарни причини, може да остане во РСМ до донесувањето на конечна одлука, за што по негово барање МВР му издава посебна потврда (член 75 став 3).

9. Жалбата на решението донесено од страна на МВР по поднесено барање за одобрување привремен престој, не го одлага извршувањето на решението, освен кога причината за барањето се хуманитарни причини (член 75 став 11).

10. Во случај на регулирање привремен престој по основ “вработување“, во постапката за добивање мислење од страна на Агенцијата за вработување, покрај другите документи потребно е да биде приложен доказ за поднесено барање за посредување при вработување на работници до Агенцијата, не постаро од 30 дена. Во случај на самовработување на странец, не се приложува потпишан договор со работодавец, како и доказ за соодветно образование или специфична стручна оспособеност на странецот, издаден од овластен орган или институција (член 87).

11. Во случај на регулирање привремен престој по основ “упатен работник“, во постапката за добивање мислење од страна на Агенцијата за вработување, покрај другите документи потребно е да биде приложен договор на странецот со клиент од РСМ за давање конкретни услуги, како и двојазичен образец за соодветно социјално, односно здравствено осигурување за упатени работници согласно со ратификувани билатерални договори за социјално осигурување (член 91).

12. Со оглед дека се воведува можноста за регулирање привремен престој со цел изучување јазик на кој се изведува наставата, повеќе не е потребен доказ дека странецот го владее јазикот или се запишал на курс за изучување на јазикот на кој ќе се одвива наставната програма и не е потребна копија од свидетелство односно диплома како доказ за наведеното. За сите наведени основи за регулирање привремен престој од овој вид (школување, студирање или изучување јазик на кој се изведува настава) барањето за одобрување престој може да се поднесе во подрачната служба за странци во МВР (член 92).

13. За одобрување привремен престој по основ школување или студирање повеќе не е потребно доставување на потврда од образовната установа за постигнатиот значителен напредок во образованието. Се овозможува вкупно продолжување на привремениот престој по основ “студирање“, за најмногу две години наместо една како што беше до сега, доколку постојат особено оправдани причини поврзани со студирањето. Привремениот престој заради изучување јазик на кој се изведува наставата се одобрува за период од една година и истиот не може да се продолжува (член 93 став 1, став 3 и став 4).

14. Со цел регулирање привремен престој по основ “лекување“, барањето може да се поднесе и во подрачната служба за странци во МВР, лично од странецот или од страна на претставник на установата за лекување со дадена согласност од странецот (член 103 став 2).

15. Во врска со регулирање привремен престој по основ “сместување или згрижување во установи за стари лица“, здравствената документација може да биде и од РСМ (член 105 став 2).

16. Се овозможува на членовите на потесно семејство на државјанинот на РСМ, на кои им е одобрен привремен престој, право на образование, професионално усовршување, вработување и вршење самостојна дејност, под услови утврдени со закон (член 114 став 2).

17. Во случај на регулирање привремен престој по основ “потекло од С.Македонија“, се смета дека странецот е по потекло од РСМ, доколку во моментот на неговото раѓање, барем еден од родителите бил државјанин на С.Македонија (член 117 став 2).

18. Во случај кога се исполнети условите за одземање привремен престој, од странецот нема да се бара изјава за околностите кои довеле до истото (избришан е ставот 3 од член 126). Истото се однесува и во случај на одземање постојан престој (избришан е ставот 4 од член 136).

19. Со оглед дека е во примена Закон за неевидентирани лица во матична книга на родени (Сл.весник на РСМ 42/20), тие повеќе не се опфатени како посебна категорија од аспект на регулирање постојан престој (член 132).

20. Во регистрите кои се водат од страна на правните и физичките лица кои даваат услуги на сместување на странци со наплата, наместо рубриката “вид и број на дозвола за престој“ се воведуваат рубрики “датум на пријавување“ и “датум на одјавување“ (член 194 став 1 точка 19).

21. Значително се намалени глоби за прекршоци, како за правни, така и за физички лица.