/ Прочитано:

1.818

МЖСПП: Регистарот за испуштање и пренесување на загадувачките материи ќе биде алатка за да го идентификува загадувањето

Овој регистар, во кој големите индустриски капацитети ќе треба да внесуваат податоци за испуштање и пренесување на загадувачките материи, ќе овозможи спроведување на закони, политики и стратегии, и секако детални планови за намалување на загадувањето во земјава.

Фабрика

Министерството за животна средина денеска го презентираше новиот софтвер – Регистар за испуштање и пренесување на загадувачки материи, наменет за индустриските капацитети, а целта е на јавноста да ѝ обезбеди пристап до информациите во врска со заштитата од загадување на животната средина.

Регистарот ги опфаќа следниве дејности кои се извор на емисија и кои загадуваат еден или повеќе медиуми (воздух, почва, вода) и области на животна средина: • енергетски сектор • производство и преработка на метали • рударска индустрија • хемиска индустрија • управување со отпад и отпадни води • производство и преработка на хартија и дрво • интензивно производство на добиток и риби • животински и градинарски производи од секторот за храна и пијалаци.

Азиме Шакири, од Министерството за животна средина, вели дека овој регистар, во кој големите индустриски капацитети ќе треба да внесуваат податоци за испуштање и пренесување на загадувачките материи, ќе овозможи спроведување на закони, политики и стратегии, и секако детални планови за намалување на загадувањето.

„Регистарот ќе биде алатка за да го идентификува загадувањето, а со тоа ќе имаме можност да дејствуваме во насока на намалување на испуштањето и пренесувањето на загадувачките материи. Листата на загадувачки супстанции е содржана во Правилникот за формата, содржината, методологијата и начинот на водење на Регистарот на испуштање и пренесување на загадувачи и тие се групирани во посебни категории. Станува збор за тешки метали, пестициди, неоргански и органски материи, стакленички гасови, хлорни материи“, вели Шакири.

Шакири појасни дека Македонија е сосема на почеток во имплементација на Регистарот за испуштање и пренесување на загадувачки материи, но, како што рече, како земја потписничка на Архуската конвенција е должна да воспостави и да одржува достапна база на податоци во еден национален Регистар на испуштање и пренесување на загадувачки материи.

„За да почне да функционира софтверот и за да се имплементира целосно, мора да постои тесна соработка меѓу институциите, индустријата и невладините организации. За жал, во индустриските капацитети недостига кадар кој ја познава оваа проблематика, односно како треба да се внесуваат податоците во регистарот, поради што ресорното министерство е должно да спроведува обуки и работилници. Во изминатиов период одржавме неколку обуки, но нашите активности ќе продолжат сè со цел заштита на животната средина и намалување на штетните материи“, вели Шакири.

Фармацевтската компанија Алкалоид АД ги поздравува напорите за имплементација на новиот софтвер – Регистер за испуштање на загадувачки материи (РИПЗ) и смета дека тоа ќе овозможи транспарентен пристап до информациите во врска со заштитата од загадувањето на животната средина.

„Алкалоид  АД  и досега редовно доставува извештаи за сите аспекти на животната средина,  така што  заживувањето и хармонизација на системот ќе придонесе за навремено и објективно информирање на јавноста за реалните состојби за загадувањето на животната средина, ќе се намали можноста за произволни и субјективни толкувања и податоците ќе бидат достапни до сите сектори на Министерството за животна средина и до релевантните институции на РМ“, велат од Алкалоид АД.

А. Б.