/ Прочитано:

1.412

МЗМП: Ажуриран Индексот за бездржавјанство, со краток приказ на македонски јазик

Европската мрежа за бездржавјанство го објави ажурираниот профил од Индексот за бездржавјанство кој се однесува на Македонија, кој ги содржи последните информации за новите категории, како што се: откажување од државјанството, намалување на бездржавјанството и билатерални договори за враќање и реадмисија, како и краток приказ за државата на англиски и на македонски јазик, кој ги нагласува препораките упатени до Владата за подобрување на третманот на лицата без државјанство и спречување и намалување на бездржавјанството, информираат од Македонското здружение на млади правници.

Профилот на Индексот на бездржавјанство во Македонија обезбедува анализа на повеќе од 25 различни категории. Констатирано е дека законот, политиката и праксата во рамките на секоја од овие категории се спротивни на меѓународните норми и добри практики и обележани со јасни и лесно разбирливи индикатори.

Ажурирања во однос на Индексот за 2019 година

Во 2018 година, Владата се обврза пред јавноста да ги идентификува предизвиците во однос на регистрацијата на граѓаните, кои придонесуваат кон ризикот од бездржавјанство во земјата, но ажурираните податоци во Индексот укажуваат на многу малку конкретни промени кои се направени, што укажува на потребата од итни реформи.

Како што беше нагласено минатата година во Индексот, Република Северна Македонија сè уште нема механизам за да го идентификува или да го утврди бездржавјанството и нема статус за заштита од бездржавјанство. Иако постои основна заштита во однос на арбитрарно задржување и некои заштитни мерки кои го спречуваат и го намалуваат бездржавјанството,  сè уште постојат значителни празнини што го спречуваат напредокот на земјата кон усогласување со меѓународните стандарди за заштита на лицата без државјанство и превенција на бездржавјанството.

Особено пречките во однос на универзалната регистрација на граѓаните, како и регистрацијата на раѓања продолжува непропорционално да влијае во однос на малцинските групи, вклучувајќи ги Ромите, Ашкалиите и Египќаните. Во април 2018 година, од страна на Владата беше објавен јавен повик за регистрација на лица кои немаат лични документи, со што се направи обид да се адресира ова прашање, но останаа правните пречки, како и пречките во пракса, кои бараат одржливи реформи.

Поимот  индекс за бездржавјанство

Индексот за бездржавјанство е електронска алатка која оценува како земјите во Европа ги заштитуваат лицата без државјанство и што прават за да го намалат и да го спречат бездржавјанството. Тоа е првата алатка која обезбедува сеопфатна и достапна компаративна анализа во 18 земји во Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Алатката им овозможува на нејзините корисници за кратко време да разберат кои области од правото, политиката и праксата можат да бидат подобрени од страна на државите.

„Индексот беше креиран од Европската мрежа за бездржавјанство, во партнерство со  Македонското здружение на млади правници. Тоа е непроценлива алатка за споделување на добри практики и за подигнување на свеста за прашањата кои ги погодуваат лицата без државјанство“, резимираат од Македонското здружение на млади правници.

М.В