/ Прочитано:

927

МЗМП: Документ за јавни политики за правата и заштитата на мигрантките во државата

Денес, кога го одбележуваме Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Македонското здружение на млади правници го објавува документот за јавни политики „Родови аспекти на миграцијата – идентификувана ранливост и потреби на мигрантките во Северна Македонија и чекори кон развивање на родово-сензитивни решенија и политики“. Овој документ е дел од активностите што ги спроведува Македонското здружение на млади правници во рамките на Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите.

Во овој документ се анализира состојбата во однос на почитувањето на правата на мигрантките во државата и нивната заштита. Слабостите идентификувани во Северна Македонија вклучуваат постоење на рестриктивни политики, несоодветни сместувачки капацитети и генерално отсуство на сеопфатни податоци за мигрантките. Овој документ има цел да влијае на развојот на соодветни родово-сензитивни политики кои се неопходни за да може во иднина да им бидат гарантирани и заштитени правата на мигрантките.

„Препораките содржани во документот имаат цел обезбедување соодветна заштита на мигрантките и вклучуваат редовно обучување на вработените во релевантните институции и граѓанските организации, како и подобрување на капацитетите за сместување, особено на просториите наменети за жени. Прекинувањето на праксата на задржување на мигрантките, пред сѐ на бремените жени и самохраните мајки, е исто така еден од важните чекори што треба да се преземат со цел да им се овозможи на жените целосен пристап до гарантираните права и одговор на нивните специфични потреби. Документот може во целост да го погледнете и да го преземете овде.“, соопштуваат од Македонското здружение на млади правници.

Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите го поддржува градењето на капацитетите на институциите на државата и граѓанските организации за примена на меѓународните стандарди и бегалското право во заштитата на правата на бегалците и мигрантите.

Исто така, преку различни активности се овозможува институционален одговор на специфичните потреби на ранливите лица; се подобруваат знаењата и способностите на адвокатите и граѓанските организации за набљудување и известување за повреди на правата на бегалците и мигрантите од страна на државните органи; се зајакнува јавната свест и се поттикнува развивање на култура на прифаќање на различностите со цел да се надминат стереотипите и предрасудите кон бегалците и мигрантите. Со развојот на капацитетите на институциите и граѓанските организации се обезбедува континуитет и одржливост на овие активности по завршувањето на поддршката на УСАИД.

M.В