/ Прочитано:

2.113

МЗМП: Годишен извештај за имиграцискиот притвор во Македонија

Во извештајот се наведува дека сите засегнати лица биле задржани во Прифатниот центар за странци во Скопје и поголемиот дел од нив станале баратели на азил по нивното ослободување. Извештајот вклучува достапни податоци за бројот на задржаните државјани на трети земји, основите и условите на задржување и постапката за азил на оние што побарале азил по ослободувањето.

Деца бегалци Грција

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) го објави Годишниот извештај за имиграцискиот притвор во Македонија – 2016, кој претставува преглед на праксата на задржување државјани на трети земји во Македонија во текот на 2016 година.

Во извештајот се наведува дека сите засегнати лица биле задржани во Прифатниот центар за странци во Скопје и поголемиот дел од нив станале баратели на азил по нивното ослободување. Извештајот вклучува достапни податоци за бројот на задржаните државјани на трети земји, основите и условите на задржување и постапката за азил на оние што побарале азил по ослободувањето.

„Во 2016 година најмалку 438 лица беа задржани, од кои 21 лице беа задржани за време на последната посета на МЗМП во Прифатниот центар за странци на 28 декември 2016 година. Повеќето од задржаните лица беа мажи (89,7 %), а само 45 (10,2 %) беа жени. Мнозинството беа на возраст од 18 до 59 години (94,2 %). За време на периодот на известување беа задржани 25 деца, од кои едно беше одвоено од неговото семејство, а друго беше непридружувано. Немаше постари лица кои беа задржани. Поголемиот дел од задржаните лица кои бараа азил потекнуваат од Пакистан, Авганистан, Иран, Сирија и Мароко, а помал број од други земји“, покажуваат податоците наведени во извештајот на МЗМП.

Во текот на изминатата година, како што велат од МЗМП, од нивна страна биле спроведени 37 посети во Прифатниот центар за странци, при што 68 лица биле информирани и советувани во однос на правото на азил. Инаку, МЗМП застапуваше 164 од барателите на азил во постапката за азил.

Правен основ за задржување

„Речиси сите од задржаните лица кои беа интервјуирани биле приведени во моментот кога ги користеле услугите на шверцерите на мигранти и беа пуштени на слобода по давањето на исказ во кривичната постапка која се водела против шверцерите на мигранти. Лицата биле известени од страна на полицијата дека се задржани поради тоа што на судот му е потребно нивното присуство во текот на кривичната постапка против лицата кои шверцувале мигранти. Во првата половина на 2016 година, задржаните лица не поседуваа решение за задржување. Тие добиваа само потврда за одземени предмети. Во текот на месец август, по интервенција на МЗМП и на Народниот правобранител на РМ, сите задржани лица добија копии од решенијата за нивно задржување. Оваа пракса продолжи сѐ до крајот на годината. Сепак, остана проблематично тоа што лицата не беа во можност да ја разберат содржината на документот, ниту пак беа доволно информирани за правото на правно застапување и за правото на жалба. Според решенијата за задржување, правниот основ за задржување е присилно отстранување. Како образложение во решенијата се наведува дека лицата влегле илегално во Македонија, спротивно на членот 12 став 2 од Законот за гранична контрола, како и дека лицата се задржани заради утврдување на нивниот идентитет“, се наведува во извештајот.

МЗМП во својот годишен извештај посочува дека просечното времетраење на задржување на лицата е 38 дена, нагласувајќи дека најдолгото задржување во 2016 година било 301 ден.

„Поради недостиг од информации во врска со времетраењето на задржувањето, беа пријавени штрајкови со глад и обиди за самоубиство“, се вели во извештајот.

Услови во Прифатниот центар за странци

Во однос на условите во Прифатниот центар за странци, МЗМП истакнува дека многу од задржаните лица се пожалиле дека не добиваат доволно храна, односно дека добиваат само еден или два оброци дневно, кои се состојат само од конзервирана храна и леб. Поради ова, како што истакнува МЗМП, лицата биле принудени да купуваат храна од полицијата еднаш неделно.

„Ова е спротивно на Правилникот за куќниот ред на Прифатниот центар за странци, според кој странците сместени во Центарот треба да добиваат три оброци дневно. Поплаки имаше за несоодветни санитарни услови, недоволен пристап до основните средства за хигиена, како: сапун и тоалетна хартија и нецелосните хигиенски пакети кои им биле доставени. Задржаните лица, исто така, се пожалија дека собите, тоалетите и тушевите се нечисти и дека во креветите има инсекти“, стои во извештајот на МЗМП.

Постапка за признавање право на азил

Што се однесува пак до постапката за признавање право на азил, Македонското здружение на млади правници во својот годишен извештај појаснува:

„Откако ќе дадат изјава пред судот во постапката против шверцерите на мигранти, задржаните лица веднаш се префрлуваат во Прифатниот центар за баратели на азил. Ова значи дека без оглед на тоа дали изразиле желба да бараат азил, тие стануваат баратели на азил. Во текот на периодот на известување, 429 лица кои претходно биле задржани станале баратели на азил на овој начин. Од нив, на 80 лица им бил закажан разговор за утврдување на право на азил откако веќе заминале од Прифатниот центар за баратели на азил. Оттука, Секторот за азил ги запрел постапките за азил во ваквите случаи. Просечното времетраење на престојот на овие баратели на азил во Центарот е 4 дена. Повеќето од нив (31,3 %) го напуштиле Центарот по 1 ден од денот на пристигнување, 18 % го напуштиле Центарот во рок од 2 дена, а 11,77 % го напуштиле истиот ден кога пристигнале. Вкупно 8 лица престојувале повеќе од еден месец, а најдолгиот престој изнесува 61 ден. Семејното разделување, исто така, претставува проблем во 2016 година. Вообичаена практика на полицијата е да се задржуваат само мажи, додека жените и децата да се сместуваат директно во Прифатниот центар за баратели на азил. Во 2016 година седум семејства беа разделени во времето на задржување. Во октомври 2016 година беше отворен нов објект за сместување на ранливите категории на лица („безбедна куќа”). Жените и децата обично беа задржувани во овој објект. Сепак, овие лица се соочуваа со де факто задржување затоа што нивната слобода на движење во овој објект е ограничена или лишена.“

А. Б.