/Прочитано:

873

МЗМП: Во Собранието на РМ на иницијатива на неколку граѓански организации се одржа јавна расправа за Предлог – законот за бесплатна  правна помош

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информира дека вчера, на 24 март 2018 година Комисијата за политички систем и односи меѓу заеднииците при Собранието на РМ спроведе јавна расправа на која се дискутираше предлог законот за бесплатна правна помош предложен од Владата на РМ. Јавната расправа се одржа на заедничка иницијатива на МЗМП и Фондацијата Отворено општество – Македонија со поддршка од пет граѓански организации (ЕХО Штип, НРЦ Куманово, МКЦ Битола, Избор Струмица и Рома СОС Прилеп) кои се овластени за обезбедување на претходна правна помош

Граѓанските организации на 2 март 2018 година доставија коментари на преглог законот за бесплатна правна помош кој беше доставен до Собранието на РМ на 27 февруари 2018 од страна на Владата на РМ. Поради големиот број на коментари (34) беше укажано на потребата од враќање на предлог законот на доработка во Министерството за правда. По поднесените коментари беше остварена средба со претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на која беше укажана потребата од организирање на јавна расправа во однос на предлог законот на која би биле присутни сите засегнати страни, па врз основа на заклучоците од расправата,работното тело да одлучи дали ќе предложи предлог законот да се врати на доработка.

На јавната расправа претставниците на граѓанските организации укажаа на сериозните недостатоци во предлог законот. Елена Георгиевска од МЗМП укажа на потребата од проширување на опсегот на претходната праввна помош како во однос на лицата кои имаат потреба од истата, така и во однос на обемот на услугите кои здруженијата ги обезбедуваат. Христина Василевска од ФООМ ја истакна потребата од законско решение кое ќе овозможи одржливост на граѓанските организации на чиј товар се огромен дел од активностите за олеснување на пристапот до правда за граѓаните. Гоце Коцевски од МЗМП ја образложи потребата од проширување на опсегот на секударната правна помош, намалување на роковите за одлучување по барањето како и потребата од целосно почитување на адвокатската тарифа и независност при уредувањето на начинот на определување  на наградата на адвокатите кои обезбедуваат претходна правна помош. Тој истакна дека постои можност за обезбедување  на одрживост на буџетот за бесплатна правна помош на начин што адвокатите кои во граѓански спорови успеале во постапката да бараат од спротивната страна надомест на трошоците кои Министерството ги имало за исплата на наградата на адвокатот. Благица Киров од ЕХО Штип ги идентификуваше слабостите на законот да обезбеди заштита на жртвите од семејно насилство, а Светлана Црвенковска од МЗМП укажа на проблематичните одредби во однос на правната помош за децата и за барателите на азил.

Општ заклучок од дискусиите на сите говорници беше дека е потребно враќање на предлог законот на доработка во Министерството за правда како би се подобрил квалитетот на текстот и би се усвоиле квалитетни и ефикасни решенија кои ќе гарантираат пристап до правда за сиромашните граѓани, а во исто време ќе придонесат за поактивно вклучување на граѓанските организации и адвокатите во обезбедувањето на бесплатната правна помош.

М.В