/ Прочитано:

984

МЗШВ во врска со измените на Законот за ветеринарно-медицински препарати

„Основната цел на законските измени и дополнувања е унапредување на заштита на здравјето и интересите на потрошувачите и степенот на здравствена заштита и благосостојба на животните, како и обезбедување на соодветна деловна клима за бизнис-операторите“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Со измените и дополнувањата на Законот за ветеринарно-медицински препарати се обезбедува детално уредување на ставањето во промет, издавањето и употребата на ветеринарно-медицински препарати, со детално дефинирање кои ветеринарно-медицински препарати и во кои услови може да се користат, кој може да ги користи и кај кои видови животни може да се користат. Воедно, се зголемуваат обврските на професионалните лица кои ги ставаат во промет и кои користат ветеринарно-медицинските препарати. Измените и дополнувањата на Законот за ветеринарно-медицински препарати претставуваат прв чекор кон целосно хармонизирање со легислативата на Европската Унија, но истовремено и обезбедување на соодветна деловна клима, заштита на здравјето на потрошувачите и благосостојбата на животните.

Со цел промовирање на правилната употреба на ветеринарно-медицинските препарати детално се уредува начинот на огласување и рекламирање, односно се забранува огласување на начин кој доведува до заблуда. Овие измени и дополнувања овозможуваат засилени контроли во областа на потенцијално фалсификувани ветеринарно-медицински препарати со систем на собирање на податоци и пријавување за сомнение и информирање на надлежните институции и ветеринарните друштва и нивното нештетно уништување.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која е носител на законските измени и дополнувања, во следниот период ќе воспостави систем за собирање и анализа на податоците за прометот и употребата на ветеринарно-медицинските препарати. Системот би ги опфаќал податоците за достапност, снабденост, прометот и употребата на ветеринарно-медицинските препарати и ќе обезбеди континуиран увид во моменталната состојба со снабденоста, достапноста и употребата на ветеринарно-медицински препарати со цел Агенцијата да може благовремено да преземе мерки во случај на недостиг или смалена достапност на одреден ветеринарно-медицински препарат. Новите законски одредби ги обврзуваат веледрогериите на континуирано снабдување на соодветен асортиман и количина на ветеринарно-медицински препарати од есенцијалната листа за оптимално задоволување на потребите за ветеринарно медицински препарати на пазарот, во соодветен временски период, како и да поседуваат и сертификат за завршена обука и положен испит за ветеринарна фармаколошка внимателност (фармаковигиланца) или завршена специјализација по ветеринарна фармаколошка внимателност.

Со цел унапредување на културата на правилна употреба на ветеринарно-медицинските препарати, АХВ воспоставува и одржува интернет-портал за ветеринарно-медицинските препарати, кој е поврзан со интернет-порталот на Европската агенција за лекови – ЕМА, на кој ќе се објавуваат релевантните податоци за ветеринарно-медицинските препарати. Исто така, измените предвидуваат воведување на нови програми, односно програма за рационална употреба на ветеринарно-медицински препарати, програма за снабденост и достапност на ветеринарно-медицински препарати и листа на есенцијални ветеринарно-медицински препарати. Во наредниот период Агенцијата, во соработка со другите државни институции, како и претставници на приватниот сектор и организацијата на заштита на потрошувачи, планира измени и дополнување на повеќе закони кои се во нејзина надлежност со цел олеснување и забрзување на постапката на регистрација/одобрение за ставање во промет на ветеринарно-медицински препарати, олеснување на одобрувањето на одредени типови на ветеринарно-медицински препарати, како и поедноставување на постапката за увоз на ветеринарно-медицински препарати.

М.В