/ Прочитано:

862

На маратонски состанок во Брисел, договорен пакет за спас на Кипар

Понеделник, 25 март 2013 – На драматичната 12-часовна средба со министрите за финансии од еврозоната, Кипар, во текот на ноќта се договори за спасувачки пакет, кој треба да спречи колапс на државата и нејзин излез од еврозоната. Договорот за помош од 10 милијарди евра е договорен во Брисел со претставници на меѓународната кредиторска „тројка“: ЕУ, ММФ и Европската централна банка.

Кипар нема да ги оданочува банкарските депозити помали од 100.000 евра, но големите штедачи ќе бидат жртви на висок еднократен данок. Кипарскиот претседател, Никос Анастасијадис, кој учествуваше на преговорите во Брисел во траење од речиси 12 часа, изјави дека е задоволен од исходот на состанокот.

„Задоволен сум што имаме програма која е во интерес на кипарскиот народ и на Европската унија во целина“, нагласи кипарскиот претседател. Шефот на еврогрупата, Јерон Дијселблум од Холандија, изјави дека на овој начин е ставен крај на несигурноста која ги опкружуваше Кипар и еврозоната во текот на изминатите денови.

Контроверзната одлука за еднократно оданочување на банкарските депозити во кипарските банки поголеми од 100.000 евра, ќе донесе околу 4,2 милијарди евра, додека остатокот од парите потребни за исполнување на условите за помош треба да се направи со намалување на банкарскиот сектор, структурни реформи и приватизацијата на државниот имот.

Прва жртва на новиот договор ќе биде „Лаики“, Народната банка на Кипар, втора по големина на островот. Банката практично ќе биде ликвидирана, а ќе се гарантираат сите влогови до 100.000 евра. Овој потег, според шефот на еврогрупата, Дијселблум ќе донесе заштеда од 4,2 милијарди евра. 

За време на драматичната седница на Министерскиот совет, која заврши малку по два часот по полноќ, претседателот Анастасијадис во неколку наврати се закани дека подобро би поднел оставка отколку да се согласи со мерки кои ќе го загрозат статусот на Кипар како даночен рај и „оф-шор“ зона, која ја користат, главно, руските клиенти .

Мерките, за кои зборува кипарскиот претседател, ќе спречат Кипар да стане првата земја што ќе биде исфрлена од еврозоната, но тоа ќе предизвика тешки загуби на најголемите клиенти на банките, односно дека руските бизнисмени ќе изгубат милијарди евра. Се проценува дека во Кипар има околу 20 милијарди евра руски пари, од кои околу една четвртина ќе бидат одземени со примената на новиот пакет.

Инаку, Русија претходно ги отфрли повиците од страна на властите во Кипар да интервенира и да и помогне финансиски на земјата. Поради тоа Кипар мораше да се согласи со предлозите на „тројката“ која поставила цврст ултиматум и рок од 12 часови  кипарските власти да соберат 6 милијарди евра за да се квалификуваат за финансиската помош од 10 милијарди, кои ќе ја извлечат земјата од криза. 

Кипарскиот Парламент минатата недела го отфрли претходниот договор со ЕУ и ММФ, со кој се предвидуваше сите депозити во кипарските банки подеднакво да се оданочат.

Банките во Кипар беа затворени минатата недела, а исто така беше ограничено и повлекувањето на средства од банкоматите до 100 евра на ден. Вистински хаос настана на улиците по најавите дека Владата по барање на тројката кредитори да се земаат пари од сметките на сите депоненти, вклучувајќи ги и оние што имаат на сметка и под 100.000 евра.

Засега, се уште е непознато кога банките ќе почнат со работа, а кипарскиот Парламент допрва треба да го прифати новиот пакет.

Кипарските банки се најдоа во многу неповолна ситуација, бидејќи голем дел од средствата ги вложиле во купување на грчките обврзници, кои се покажаа како безвредни.

Европската централна банка презема обврска да покрие 10 милијарди евра од настанатиот долг додека околу 6 милијарди ќе бидат собрани со реструктуирање на кипарските банки.