/ Прочитано:

1.781

На 29 март ќе почне процесот на Брегзит

Преговорите ќе ги започне министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис, кој постојано ќе доставува извештаи до премиерката Меј, додека Министерството за надворешни работи на Велика Британија во процесот на Брегзит ќе преговара со одделни земји членки на Унијата за прашања што ќе се однесуваат на билатерална соработка во повеќе области. Главен преговарач од страна на Европската комисија ќе биде францускиот дипломат Мишел Берние, кој ќе ги добива инструкциите од страна на Европскиот совет, односно телото што ги претставува лидерите на земјите членки на Европската Унија. Европскиот парламент, пак, ќе мора да го одобри конечниот договор постигнат меѓу Велика Британија и ЕУ.

Двегодишниот процес за излегување на Велика Британија од Европската Унија официјално ќе стартува на 29 март. На овој датум британската премиерка, Тереза Меј, ќе го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, односно до Брисел ќе го поднесе барањето за излегување на Обединетото Кралство од европскиот блок. 

Почетокот на процесот за Брегзит беше овозможен минатата недела, кога на 16 март кралицата Елизабета Втора формално го одобри Законот за процесот за излез на Велика Британија од Унијата, што претходно беше усвоен од двата дома на британскиот Парламент.

Известувањето за напуштање на Унијата ќе биде испратено преку писмо од страна на ​Меј до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и во согласност со член 50 од Лисабонскиот договор, две години по известувањето, договорите меѓу Велика Британија и Унијата ќе престанат да се применуваат, со што Велика Британија и официјално ќе престане да биде земја членка на ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, денеска соопшти дека за 29 април свикува вонредна седница на шефовите на држави и влади на земјите-членки на Европската унија во врска со почетокот на процесот на Брегзит.

„Мојата желба беше мнозинството Британци да не се изјаснеа да си заминат од Европската Унија. Се надевам дека процесот ќе се одвива безболно за Унијата, изјави Туск. 

Преговорите ќе ги започне министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис, кој постојано ќе доставува извештаи до премиерката Меј, додека Министерството за надворешни работи на Велика Британија во процесот на Брегзит ќе преговара со одделни земји членки на Унијата за прашања што ќе се однесуваат на билатерална соработка во повеќе области. Така на пример, според анализата на „Фајненшл тајмс“, Велика Британија ќе настојува да ја увери Германија за потребата од создавање на „одбранбен пакт“ меѓу двете земји, со цел да се поттикне солидарноста во пост-Брегзит периодот. Засега нема повеќе детали околу тоа како е замислен овој проект на Владата во Лондон со најголемата и најмоќна членка на Унијата, но весникот тврди дека станува збор за обид на Велика Британија да ја увери, пред сѐ, сопствената политичка јавност, а потоа и европската, дека по напуштањето на Европската Унија, Обединетото Кралство нема да ѝ сврти грб на Европа.

Главен преговарач од страна на Европската комисија ќе биде францускиот дипломат Мишел Берние, кој ќе ги добива инструкциите од страна на Европскиот совет, односно телото што ги претставува лидерите на земјите членки на Европската Унија. Европскиот парламент, пак, ќе мора да го одобри конечниот договор постигнат меѓу Велика Британија и ЕУ.

Експертите велат дека во текот на наредните месеци преговарачите во процесот на Брегзит ќе имаат сериозна и тешка задача. Според нив, ќе треба да се разгледаат повеќе од 20 илјади правила и закони на Европската Унија, односно дневно ќе мора да се обработуваат по околу 40 закони. Најгорливото прашање, според сите досегашни анализи, се однесува на правата на околу 3 милиони граѓани на Европската Унија кои живеат и работат во Велика Британија, а се доведуваат во прашање и правата на околу еден милион британски граѓани кои живеат и работат во земјите членки на Унијата. Во контекст на ова, двете преговарачки страни сметаат дека приоритет треба да биде давањето гаранции на овие граѓани да останат и да ги задржат истите права таму каде што живеат веќе подолг период.

Според анализите на економистите, пак, Велика Британија ќе сака да ја задржи слободната трговија со Европската Унија, но ќе се обиде да не го прифати основниот принцип кој се однесува на слободното движење на работниците, па соодветно на ова се очекуваат тешки преговори.

Со процесот на Брегзит, Велика Британија ќе воведе многу строги правила по прашањето на имиграцијата, односно ќе воведе низа ограничувања поради што ќе мора да ги напушти единствениот пазар и царинската унија на заедницата.

Инаку, Од правна гледна точка, не е јасно дали член 50 од Лисабонскиот договор е реверзибилен, но според поранешниот амбасадор на Велика Британија во Европската Унија, Џон Кер, кој всушност го пишувал овој член, одредбата не е неповратна во случај британската влада да се предомисли во однос на Брегзит.

„Можете да ја промените својата одлука сѐ додека трае процесот“, вели Кер.

Процесот на Брегзит следува по референдумот одржан на 23 јуни 2016 година кога 51,9 отсто од Британците одлучија дека сакаат да ја напуштат Европската Унија, во која земјата е членка од 1973 година. За Брегзит гласаа мнозинството Англичани и тоа не само евроскептиците, кои се најбројни меѓу гласачите на владејачката Конзервативна партија, туку и традиционални поддржувачи на лабуристите во Англија и во Велс, додека мнозинството Шкотланѓани и граѓани на Северна Ирска беа за останување на земјата во Унијата. 

Во согласност со член 50 од Лисабонскиот договор, се очекува процесот да заврши во 2019 година, со што Велика Британија ќе биде првата земја која ќе ја напушти Европската Унија.

Од друга страна, пак, на 25 март, односно в сабота во Рим ќе се соберат лидерите на држави и на влади на самитот организиран по повод 60-годишнината од потпишувањето на Римскиот договор за основање на Европската економска заедница, што всушност се смета како документ за раѓањето на обединета Европа. Главна тема и на овој самит ќе биде иднината на Унијата по „Брегзит.

А. Б.