/ Прочитано:

627

На факултетите се запишуваат повеќе жени

Во основното и во средното образование, од година на година, се забележува истата полова структура меѓу учениците. Бројот на ученичките што продолжуваат од основното образование во средно образование се зголемува, додека бројот на машките ученици се намалува. Бројот на учениците што го прекинале образованието е незначителен (и кај ученичките, и кај учениците) и во основното и во средното образование е 1 %, се посочува во публикацијата на Државниот завод за статистика.

„Во основното и во средното образование преовладуваат наставниците од женски пол, односно наставничките. Во средното образование поголема е заинтересираноста на ученичките за гимназиско образование, додека кај учениците за стручно образование. Нето-стапките на запишани ученици (од двата пола) во основното и во средното образование не бележат промена, освен мало зголемување кај ученичките во средното образование.

Во високото образование, од година на година, во половата структура се забележува дека на факултетите се запишуваат повеќе жени. Исто така, повеќе жени се запишуваат на втор и на трет циклус студии, а овој сооднос се однесува и на завршените студенти на прв, втор и трет циклус. Бројот на жените што се запишале и завршиле прв, втор и трет циклус на студии, главно, е поголем кај општествените, хуманистичките и медицинските науки, за разлика од техничко-технолошките науки, кај кои и бројот на запишани и бројот на завршени жени е помал во однос на мажите.

Нето-стапката на запишување во основното образование претставува сооднос меѓу учениците во основното образование што се на возраст пропишана со Законот за основното образование и популацијата на соодветната возраст (од 6 до 14 години).

Нето-стапката на запишување во средното образование претставува сооднос меѓу учениците во средното образование што се на возраст пропишана со Законот за средното образование и популацијата на соодветната возраст (од 15 до 18 години). Нето-стапката на запишување во високото образование претставува сооднос меѓу студентите во високото образование и популацијата на соодветната возраст (од 18 до 23 години)“, се образложува во публикацијата.

М.В