/ Прочитано:

1.771

На иницијатива на адвокат, Уставниот суд поведе постапка за одредби од Тарифата за награда на извршителите

На иницијатива на Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 9 став 2 во делот: „наградата” од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена од министерот за правда, број 21-648/7 од 7.2.2019 година („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019).

Според наводите од иницијативата, членот 46 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016, 142/2016 и 233/2018) не предвидувал награда за извршителот за извршени дејствија, доколку извршителот не извршил делумна или целосна реализација на извршната исправа, а со оспорениот член 9 став 2 од Тарифата („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019) токму тоа се предвидувало, односно извршителот да има право на награда, независно од тоа дали ја реализирал извршната исправа или не, што значело дека извршителот имал право на награда во секој случај и доколку не презел ниту едно извршно дејствие, а посебно во случаите кога извршната исправа била правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, непосредно по поднесување на барање за спроведување на извршување.

Со иницијативата подносителот се повикува на членот 51 став 1 од Уставот, наведувајќи дека иако, според наведената уставна одредба, подзаконските акти треба да бидат во согласност со закон, во конкретниот случај оспорениот дел на членот од Тарифата не бил во согласност со Законот, односно со членот 46 од Законот за извршување, бидејќи доверителот се задолжувал на извршителот да му плати и награда, без разлика дали дошло до реализација или не на извршната исправа, а во таквите случаи, извршителот ќе наплател награда за „ништо”.

Според Тарифата од 2011 година, во случаите предвидени како и со оспорениот член 9 став 2 од Тарифата, извршителот можел најмногу да има право на надомест на трошоци за администрирање на предметот и за преземените извршни дејствија, но немал право на награда кога немало реализација на извршната исправа.

Поради наведеното, со иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспореното уредување во членот од Тарифата и негово поништување бидејќи не бил во согласност со Законот, а со тоа и спротивен на член 51 став 1 од Уставот и принципот на владеење на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

„Имајќи го предвид уредувањето со оспорениот дел: ‘наградата’ од член 9 став 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, наспрема одредбите од Законот за извршување, посветени на наградата и надоместок на трошоци за работа на извршителот, пред Судот, со основ се постави прашањето за неговата согласност со Законот, а со тоа и прашањето за неговата уставна оправданост од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот“, констатираат од Уставниот суд.

М.В