На иницијатива на адвокат, Уставниот суд укина одредби од Тарифата за награда на извршителите
На иницијатива на Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, Уставниот суд го укина членот 9 став 2 во делот: „наградата” од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена од министерот за правда, број 21-648/7 од 7.2.2019 година („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019).
Според наводите од иницијативата, членот 46 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016, 142/2016 и 233/2018) не предвидувал награда за извршителот за извршени дејствија, доколку извршителот не извршил делумна или целосна реализација на извршната исправа, а со оспорениот член 9 став 2 од Тарифата („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019) токму тоа се предвидувало, односно извршителот да има право на награда, независно од тоа дали ја реализирал извршната исправа или не, што значело дека извршителот имал право на награда во секој случај и доколку не презел ниту едно извршно дејствие, а посебно во случаите кога извршната исправа била правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, непосредно по поднесување на барање за спроведување на извршување.
Со иницијативата подносителот се повикува на членот 51 став 1 од Уставот, наведувајќи дека иако, според наведената уставна одредба, подзаконските акти треба да бидат во согласност со закон, во конкретниот случај оспорениот дел на членот од Тарифата не бил во согласност со Законот, односно со членот 46 од Законот за извршување, бидејќи доверителот се задолжувал на извршителот да му плати и награда, без разлика дали дошло до реализација или не на извршната исправа, а во таквите случаи, извршителот ќе наплател награда за „ништо”.
Според Тарифата од 2011 година, во случаите предвидени како и со оспорениот член 9 став 2 од Тарифата, извршителот можел најмногу да има право на надомест на трошоци за администрирање на предметот и за преземените извршни дејствија, но немал право на награда кога немало реализација на извршната исправа.
Поради наведеното, со иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспореното уредување во членот од Тарифата и негово поништување бидејќи не бил во согласност со Законот, а со тоа и спротивен на членот 51 став 1 од Уставот и принципот на владеење на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
„Во случајов, оспорениот дел ‘наградата’ содржан во член 9 став 2 од Тарифата, не е јасно конципирана содржина во членот од Тарифата, така што остава простор за арбитрарност имајќи во вид дека не дава јасна претстава и не дава солидна основа за законито и правилно задолжување на доверителот (покрај другите трошоци) да му плати на извршителот и награда за реализација на извршна исправа, во случаите на запирање на извршувањето, со што, дополнително од тој аспект се доведува во прашање и правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Воедно, во контекст на принципот на владеење на правото, правата и обврските за граѓаните коишто произлегуваат од правни ситуации од одредена правна сфера, прецизно треба да бидат уредени со закон“, посочуваат од Уставниот суд.
Уставниот суд, се вели во одлуката, оцени дека оспорениот дел: „наградата” од член 9 став 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот и со член 46 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за извршување.
М.В