/ Прочитано:

4.361

На иницијатива на адвокатка од Кавадарци, Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за виното

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 точката 28-а во делот: „наменето за извоз“, членот 16-а ставот 1 во делот: „наменето за извоз“, членот 17 ставовите 2 и 3 во деловите „наменето за извоз“, членот 18 ставот 1 во делот: „наменето за извоз“ и членот 19 ставот 1 во делот: „наменето за извоз“ од Законот за виното.

Во оспорените одредби се пропишува дека трговец со винско грозје е правно или физичко лице кое врши откуп на винско грозје наменето за извоз. Според адвокатката Надица Андова од Кавадарци, со оспорените измени на Законот за виното се овозможувало откуп на винско грозје за производство на вино да вршат само производители на вино и трговци со винско грозје наменето за извоз, со што во неповолна положба биле ставени сите трговци кои откупувале винско грозје кое не било наменето за извоз, туку се пласирало на домашниот пазар.

„Трговците со винско грозје на тој начин немаат друг избор, освен да бараат пласман на винското грозје надвор од државата или да им го продаваат на домашните производители на вино кои ги исполнувале условите во согласност со Законот“, се посочува во Иницијативата.

Адвокатката истакнува дека оспорените одредби се спротивни на темелните вредности на уставниот поредок – владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

„Уставниот суд смета дека со изземањето на физичките и правните лица кои вршат откуп на винско грозје наменето за домашниот пазар од дефиницијата на трговец со винско грозје и со неможноста тие да вршат откуп на винско грозје е нарушена слободата на пазарот и претприемништвото и не е обезбедена еднаква правна положба на субјектите на пазарот“, посочуваат од Уставниот суд на РМ.

M.В