На Иницијатива на „Левица“, Уставниот суд поведе постапка за одредба со која се уредува плата за непостоечка јавна функција – потпретседател на Влада
На Иницијатива на политичката партија „Левица“, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 14, во делот: „потпретседател на Владата“ од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.
„Коефициентот за утврдување на платата за претседател на Уставниот суд на Република Македонија, потпретседател на Собранието и потпретседател на Владата, изнесува 4,00“, се пропишува во оспорениот член.
Според „Левица“, како подносител на Иницијативата, Уставот на Република Македонија во делот III. Организација на државната власт, во точката 3. Влада на Република Македонија, воопшто не предвидувал државна функција „потпретседател на Влада“. Членот 89 од Уставот оставил можност организацијата и начинот на работа на Владата да се доуреди со закон. Но, и Законот за Владата на Република Македонија не ја предвидел функцијата потпретседател на Влада.
Сепак, се истакнува во Иницијативата, Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, во член 14 предвидува функција потпретседател на Влада, иако таа функција можела да биде предвидена само со Законот за Владата, и за оваа функција определил коефициент за пресметка на плата 4,00. Оттаму, овој дел од членот 14 од Законот требало да се избрише.
Оваа корекција во делот на определениот коефициент за утврдување на плата, ќе го изедначел статусот на т.н. потпретседатели на Владата со членовите на Владата (министри), чиј коефициент за пресметка на плата изнесувал 3,7. Според актуелниот Закон за Владата на Република Македонија, донесен 2000-та година, Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри, што е во согласност со Уставот на Република Македонија.
„Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со членот 14 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, се определува коефициент за плата на потпретседател на Владата што е јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, па произлегува дека овој дел од Законот е неприменлив, поради што Судот оцени дека основано се поставува прашањето дали ваквата законска регулатива е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија“, се вели решението на Уставниот суд.
М.В