/Прочитано:

973

На „Јустинијан Први“ се одржа симулација на судење од областа на работните односи

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по повод  Меѓународниот ден на човековите права, беше одржана четвртата по ред симулација на судење од областа на работните односи. Судењето се одржа во судницата на Правниот факултет, а учесници во симулираниот судски процес беа студенти од Факултетот, под менторство на проф. д-р Лазар Јовевски и судијката Хилда Мешкова од Одделението за работни спорови при Основниот суд Скопје 2 Скопје.

Настанот беше отворен од страна на деканот на Правниот факултет, проф. д-р Горан Коевски, кој во своето обраќање истакна дека овој традиционален настан претставува мошне корисна едукација за студентите.  Деканот најави дека во иднина Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе реализира повеќе вакви симулирани судења, во кои ќе бидат вклучени ментори од правната практика.

Професорот Јовевски истакна дека симулацијата на судење е корисна за студентите, не само од практичен аспект туку и од поширок општествен контекст бидејќи преку судењето се промовираат вредностите на правото.

Инаку, тема на симулацијата поконкретно беше работен спор од областа на психолошкото вознемирување во работни односи – мобинг, со елементи на дискриминација. Во симулацијата учество зедоа студентите на додипломски и постдипломски студии на Факултетот, и тоа: Стојан Николов, Елена Јаман, Никола Германов, Никола Мурџев, Пепица Честојнова, Димитар Тромбевски, Иво Ристески, Јовица Димитроски, Соња Анастасова, Ивана Иванова, Ивона Стојчевска и Софија Христовска.

„Оваа симулација на судење е исклучителен настан, кој се одржува традиционално веќе неколку години по ред на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’. Настанот е многу значаен бидејќи преку него, покрај тоа што се промовираат прашањата од трудовото и социјалното право, се упатува и една силна порака до јавноста за тоа колку се важни работните односи во современото општество во кое живееме“, беше резимирано на денешниот настан.

Студентите кои учествуваа на симулираното судење велат дека за нив тоа било непроценливо искуство, посебно затоа што преку спојот на теоријата и практиката можеле да го изразат своето познавање од работните односи, но и од пошироката граѓанска материја.

За нас, додаваат студентите, важно е и тоа што темата за судењето е важна тема од областа на човековите права и антидискриминацијата, што е предизвик за секој правник кој цврсто верува во мисијата на правната професија.

М.В