/ Прочитано:

1.333

На „Јустинијан Први“ започна Четвртата летна школа посветена на предизвиците на земјите од Западен Балкан

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ започна Четвртата летна школа посветена на предизвиците на земјите од Западен Балкан при процесот на зачленување во  ЕУ. Школата се одржува во соработка со Универзитетот Мунстер (Германија) и со Универзитетот Париз Нантер (Франција).

На школата, чиј академски директор  е проф. д-р Тони Дескоски, учествуваат студенти, професори и докторанди од Франција, Германија, Србија, Косово и Македонија. Оваа година летната школа ќе се одржи на тема „Балканските држави и нивните односи со Европската Унија и регионалните меѓународни организации: можности за приближување и соработка“.

Четвртата летна школа ја отвори деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Горан Коевски, кој го истакна значењето на школата и актуелноста на темата за која ќе дискутираат учесниците.

Проф. д-р Тони Дескоски посочи дека на школата ќе се говори за прашања од областа на човековите права, културната политика на Балканскиот Регион, интеграцијата во ЕУ и НАТО, но и за прашања поврзани со претстојниот референдум.

На денешниот настан се обрати и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која истакна дека пред речиси три децении политичарите и граѓаните  се согласиле дека сакаат Македонија да биде посилна, побезбедна, попросперитетна на тој начин што ќе стане членка на Европската Унија и на НАТО. Министерката додаде дека Македонија во последните неколку години се покажала како земја со многу различности и дека може да креира можности од кризи.

„Наместо да се фокусираме на тоа што нè разделува, да се обидеме да најдеме заеднички јазик. Верувам и горда сум на тоа дека Македонија поставува поинаков пример“, нагласи Шекеринска.

М.В