/ Прочитано:

1.117

На категоријата ранливи потрошувачи нема да може да им се исклучи електричната енергија во зимскиот период

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), во соработка со Владата и министерствата за труд и социјална политика  и за економија во наредниот период, ќе треба да ја редефинира категоријата ранливи потрошувачи на електрична енергија. Ним, во согласност со новите правила за снабдување со електрична енергија, што ќе важат од 1 јануари идната година, нема да може да им се исклучи електричната енергија во зимскиот период.

„Очекувам да биде зголемен опфатот на категоријата ранливи потрошувачи на кои нема да може да им се исклучува електричната енергија во зимскиот период. Покрај стандардните потрошувачи кои примаат социјална помош во оваа категорија ќе треба да влезат и потрошувачи кои имаат проблем со плаќањето на сметките за електрична енергија“, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски пред почетокот на денешната подготвителна седница, на која се разгледуваат правилата за снабдување со електрична енергија што ќе важат по целосната либерализација на пазарот.

Тој истакна дека во моментов на регулираниот пазар на електрична енергија процентот на наплата на сметките за потрошена електрична енергија изнесува околу 93 отсто.

За останатите потрошувачи, додаде, ќе продолжи да важи одредбата да може да им се исклучи електричната енергија доколку не го намириле својот долг, но по добивање на известување за заостанат долг заедно со сметката.

„Со новите мрежни правила за дистрибуција за 15 до 20 проценти ќе им биде намален надоместокот за повторно вклучување во мрежата на потрошувачите исклучени поради неплаќање на сметките. Во овој момент во правилата за снабдување со електрична енергија не е јасно наведено дали ќе остане одредбата исклучувањето да биде за една неплатена сметка. Сакаме да ги слушнеме и снабдувачите што имаат да кажат, имајќи го предвид нивното искуство на слободниот пазар“, појасни Бислимоски.

Според сознанијата на РКЕ, како што кажа Бислимоски, на слободниот пазар во моментов нема некои поголеми проблеми околу неплаќањето на сметките на електрична енергија и бројот на неплаќачи може да се мери во промили.

Претседателот на РКЕ посочи дека во соработка со УСАИД се изработува веб-калкулатор на кој потрошувачите ќе можат да проверат колку приближно ќе треба да платат за потрошената електрична енергија доколку излезат на слободниот пазар. Секој од снабдувачите со електрична енергија ќе мора да даде податоци колку изнесува неговата конкретна цена за електрична енергија за домаќинство за да можат домаќинствата да пресметаат колку ќе треба да платат за купување и дистрибуција на струјата.