НА КРАЈОТ НА МЕСЕЦОВ: Битолските судии ќе им судат на колегите од Скопје
Откако на почетокот на декември Врховниот суд донесе одлука дека Основниот суд Скопје 1 не е надлежен да постапува по предметот и откако го префрли во битолскиот суд, како належен за предметот, ова е прво рочиште во кое ќе се направи обид да стартува процесот „Јустиција“.
На крајот на овој месец, поточно на 24 февруари, во Основниот суд во Битола е закажано рочиштето за предметот „Јустиција“. Битолските судии ќе им судат на колегите од Скопје од Одделот за прекршоци и на стручните соработници кои се обвинети за несовесно работење во службата.
Откако на почетокот на декември Врховниот суд донесе одлука дека Основниот суд Скопје 1 не е надлежен да постапува по предметот и откако го префрли во битолскиот суд, како належен за предметот, ова е прво рочиште во кое ќе се направи обид да стартува процесот.
Во акцијата „Јустиција“ спроведена во октомври 2014 година беа опфатени дваесет и пет лица од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 под сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Јавно обвинителство – Скопје, во меѓувреме, склучи седум спогодби со судии и судски службеници кои ја признаа вината и тие беа осудени на условна казна. Против петмина, пак, кривичната постапка беше запрена бидејќи се утврдило дека нема кривично дело. Меѓу обвинетите има и пензионирани судии. Останатите, кои се во работен однос, беа суспендирани од работа.
Според Обвинителството, судиите и службениците со неизвршување на службената должност му нанеле штета на Буџетот од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал. Во обвинението се наведува дека обвинетите воделе постапка без да се појават странките, а судските казнени пресуди биле внесувани како извршени, но биле чувани во фиоки сè до нивното застарување. На застарените пресуди, според Обвинителството, се ставал и противзаконски изготвен штембил дека постапката се запира.
За тринаесет лица постапката продолжува.
Адвокатите на обвинетите, во декември по префрлувањето на надлежноста на предметот во Основниот суд Битола, најавија кривични пријави за претседателот на Врховниот суд, Лидија Неделкова, и за тројца членови на судот и за Александра Зафировска и Влатко Самарџиски, членови на Судскиот совет.
Во образложението на Врховниот суд за префрлање на надлежноста за предметот во Битола беше наведено дека во конкретниот случај постојат оправдани правни причини поради кои Основниот суд Скопје I Скопје е спречен да постапува.
„Околноста дека обвинетите се судии и судски службеници вработени во Основниот суд Скопје 1, во Одделот за прекршоци, а постапката треба да се води пред истиот суд како стварно и месно надлежен суд, може да предизвика сомневање во непристрасното постапување на судиите од истиот суд, што претставува оправдана правна причина за изземање од постапување на сите судии во Основниот суд Скопје“, стоеше во решението.
М.С.