/ Прочитано:

1.672

На обвинетите во „Маѓар телеком“ ќе им се суди во отсуство, новото рочиште закажано за крајот на април

Иако на последното рочиште донел одлука процесот да започне во отсуство на обвинетите, кои се недостапни за македонските органи на прогонот, судијата одговори позитивно на барањето на адвокатот Јаниќевиќ за увид во доказите и потоа ќе ја започне главната расправа.

Основен суд Скопје 1

Адвокатот Ненад Јаниќевиќ ќе го застапува поранешниот директор на „Македонски телеком“, Унгарецот Атила Сендреи, во процесот што се води против него и против уште две лица, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Пред Судот Јаниќевиќ го прикажа полномошното за застапување на Сендреи во предметот и истакна дека неговиот клиент не добил никаков официјален документ или покана за судењето. Јаниќевиќ рече дека дознал за закажаното рочиште од судските кулоари.

„Бидејќи станува збор за обемен предмет, јас, како одбрана, барам да извршам увид во списите на предметот и во доказите за да можам аргументирано да одговорам на сите наводи изнесени во обвинителниот акт“, рече Јаниќевиќ пред Судот.

Неговата цел и целта на обвинетиот Сендреи, како што истакна Јаниќевиќ, е да се утврди вистината за овој предмет.

Ненад Јаниќевиќ, адвокат

Иако на последното рочиште донел одлука процесот да започне во отсуство на обвинетите, кои се недостапни за македонските органи на прогонот, судијата одговори позитивно на барањето на адвокатот Јаниќевиќ за увид во доказите и потоа ќе ја започне главната расправа.

Одбраната на Сендреи има рок од 20 дена да изврши увид во списите на предметот. Следното рочиште е закажано за 28 април.

На судењето, покрај бранителите на обвинетите и јавниот обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, присуствуваа и претставник на „Македонски телеком“ и двајца вештаци кои го изработиле економско-финансиското вештачење на предметот.

Во Судот се појави и Џемаил Мехази, поранешен министер за транспорт и врски, кој е повикан во својство на сведок.

Предметот познат во јавноста како „Маѓар телеком“ стана повторно актуелен откако Специјалното јавно обвинителство ги побара двата предмети, од кои едниот е веќе во судска постапка, а другиот е во истрага.

Случајот „Маѓар телеком“ беше поведен во 2008 година по кривична пријава на Министерството за внатрешни работи поради злоупотреба на 1,8 милиони евра државни пари од страна на обвинетите.

М.С.