/ Прочитано:

4.372

На одбележувањето на Денот на Царината најавено намалување на казните

Царинската управа на Република Македонија денеска го одбележа Денот на царината – 16 април, со кој означува 26 години самостојна и независна Царинска управа во РМ. Свечената церемонија се одржа во Музејот на современа уметност, на која беа презентирани резултатите на Царинската управа постигнати во 2017 година, како и целите кон кои ќе биде насочена во идниот период.

Царинската управа, беше истакнато на денешниот настан, своите надлежности ги спроведува на целата територија на Република Македонија, а работите од својот домен ги извршува преку Централната управа и пет царинарници. Централната управа, чие седиште е во Скопје, координира и раководи со царинските надлежности на целата територија на Република Македонија, а царинарниците координираат и раководат со соодветен реон.

Релаксирање на казнената политика и намалување на казните кај Царината најави министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешниот настан.  Како што истакна министерот за финансии, со цел олеснување на условите за бизнис-заедницата и во интерес на македонските граѓани, а во согласност со Програмата и приоритетите на Владата на Република Македонија, подготвени се законски измени за релаксирање на казнената политика.

„Во координација со Царинската управа се изврши сеопфатна анализа на казнената политика и се изготвија предлози за намалување на глобите, односно за нивно изрекување соодветно на тежината на сторениот прекршок“, истакна министерот Тевдовски.

На одбележувањето на Денот на Царинската управа Тевдовски истакна дека Царината е вистински чувар на финансиските интереси на државата, на здравјето и животот на граѓаните на Република Македонија. Тој посочи дека станува збор за институција која има висок рејтинг, како во земјава така и на меѓународно ниво.

„Царината е како лична карта на државата. Таа е првата институција со која стапува во контакт некој што доаѓа однадвор, затоа е исклучително важна во градењето на имиџ на европска и современа држава“, истакна Тевдовски.

На настанот свои обраќања имаа и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски, и пензионирани царински службеници кои споделија искуства од нивната служба.

На свечената церемонија на соработниците на Царинската управа им беа врачени плакети и признанија за успешна соработка. На денешниот настан присуствуваа претставници на Владата, министерствата, дипломатскиот кор, претставници на науката и бизнис-заедницата, колегиумот на Царинската управа и други.

М.В