/ Прочитано:

1.825

На пазарот на труд во Германија постојано се зголемува бројот на слободни работни места

Во третиот квартал од 2017 година во Германија се отворени 1.097.600 работни места. Во споредба со истиот период од минатата 2016 година, според Институтот за истражување на трудот (ИАБ), тоа е за 175.000 работни места повеќе, објави денеска овој Институт.

Германскиот Институт за истражување на трудот (ИАБ), кој работи во рамките на Федералната канцеларија за вработување, денеска објави дека побарувачката за работна сила на пазарот на труд во Германија се зголемува, така што во третиот квартал од 2017 година се отворени 1.097.600 работни места. Во споредба со истиот период од минатата 2016 година, според Институтот за истражување на трудот, тоа е за 175.000 работни места повеќе.

Александар Кубиш, аналитичар во ИАБ, вели дека најголем број работни места, односно побарувачката на работници најмногу се зголемила во производствениот сектор, сообраќајот и логистиката.

И покрај тоа што во Германија постојано се зголемува бројот на имигрантите од земјите на Европската Унија, економските аналитичари оценуваат дека високата побарувачка за квалификувана работна сила нема да може да се покрие со зголемената имиграција.

Експертите сметаат дека недостигот од стручна работна сила не може да се покрие ниту со стимулирање на мерките во образовниот сектор и со отворање на германскиот пазар на труд за експерти од целиот свет.

Податоците од истражувањето покажуваат дека најголема побарувачка на пазарот на труд во Германија има во секторот на услуги, градежништво и трговија, а најголема потреба од работници има во помали компании со најмногу 50 вработени, па потоа следуваат средните претпријатија.

Институтот четирипати годишно ги анализира компаниите кои во Агенцијата за вработување пријавиле отворени работни места. Кон крајот на октомври повторно била забележана ниска стапка на невработеност, која во моментов изнесува 5,4 отсто. Во октомври оваа година имало 150.000 помалку невработени отколку во истиот период минатата година.

А. Б.