/ Прочитано:

1.198

На протестите во Романија се бараат закони за правосудство кои ќе ги штитат граѓаните

Продолжуваат антивладините протести во Романија. Европската комесарка за правда, Вера Јoурова, ја повика романската влада да ги преиспита и ревидира новите закони за правосудство кои ги предизвикаа масовните протести во земјата.

Протестите на кои имаше жестоки судири помеѓу полицијата и граѓаните што протестираат се насочени против корупцијата и против воспоставувањето законодавство кое се заканува на независноста на судството. Граѓаните бараат оставка од социјалдемократската влада и оставка од премиерката Вјорика Данчило.

Романскиот претседател Клаус Јоханис, критичар на владата, нагласи дека „остро ја осудува бруталната интервенција на полицијата за нередите“, додавајќи дека е „непропорционален одговор на протести кои се претежно мирни“.

Како што пренесуваат медиумите, на антивладините протести има над 400 повредени граѓани. Покрај револтот од полициската бруталност, на протестите граѓаните бараат демократија и закони кои ќе ги штитат граѓаните, а не политичарите.

Според нив, реформите во правосудството предложени од владата се создадени  да им служат и да ги штитат интересите на политичката елита. Овие закони  ја загрозуваат независноста на судството и ја поткопуваат довербата во судскиот систем.

Кај Романците незадоволство постои и од измените на Кривичниот законик и отстранувањето на шефицата на Националната дирекција за борба со корупцијата, Лаура Кодруца Ковеси, која апелираше до романската јавност дека корупцијата може да биде поразена и дека граѓаните не треба да се откажуваат од таа борба.