/ Прочитано:

3.097

Предлогот на премиерот поранешен командант на УЧК да стане нов мининистер за одбрана предизвика лавина реакции во и пред Собранието

Понеделник, 18 февруари 2013 – Откако на 55-та седница на Собранието која се уште е во тек, премиерот Никола Груевски го предложи Талат Џафери за нов министер за одбрана, се огласи партијата „Достоинство“. Претседателот на партијата Стојанчо Ангелов смета дека поранешен командант на ОНА не смее да го води Министерството за одбрана, додека за премиерот професионалната квалификација е пресудна за неговиот предлог. 

Претседателот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов побара од пратениците на владејачката партија да не го поддржат предлогот на премиерот и да не му дадат поддршка на Талат Џафери да стане нов министер за одбрана. Ангелов од пред Собранието им се обрати на пратениците повикувајќи ги преку медиумите. Појасни дека поранешен командант на ОНА не смее да го води Министерството за одбрана.

„Чувство на мачнина и гадење ми предизвика предлогот на премиерот Никола Груевски командантот на УЧК, Форина, да командува со армијата чии војници тој ги убиваше во 2001 година. Ги повикувам сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои во срце останале вистински вмровци и за кои сум убеден дека сè уште ги има во ВМРО-ДПМНЕ. Соберете се барем десетина и не гласајте за овој понижувачки предлог. Само 9 вистински вмровци од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се доволни за да се избегне оваа национална катастрофа“, рече Ангелов.

Додека за Ангелов предлогот значи „понижување за македонскиот народ“, за премиерот изборот за новите министри паднал врз основа на нивното образование и професионалност.

„Сметам дека врз основа на нивното образование и досегашно работно и професионално искуство овие предлози за нови министри ќе можат успешно да ја спроведат програмата на Владата 2011-2015 година, а со тоа и успешно да ја извршуваат функцијата министри во Владата“, рече премиерот Груевски и побара предлозите да бидат прифатени од пратеницитена седницата во Собранието.

Собранието денеска треба да избере нови министри, седницата се уште е во тек. По оставките на Теута Арифи од евроинтеграции и Невзат Бејта од локална самоуправа, кои заминаа како кандидати на локалните избори за градоначалници Тетово и Гостивар. Премиерот Никола Груевски предложи министерот за одбрана Фатмир Бесими да ги преземе евроинтеграциите, на негово место да дојде пратеникот Талат Џафери, а актуелниот-заменик министер за транспорт и врски Тахир Хани треба да биде нов министер за локална самоуправа.