/ Прочитано:

1.876

Начела на медијацијата

Доброволноста, рамноправноста, неутралноста, доверливоста, исклучувањето на јавноста во медијацијата, еднаквоста на страните, достапноста на информации за медијацијата во други постапки и ефикасноста се начела на медијацијата.

slika

Доброволноста како начело на медијацијата подразбира дека постапката на медијација се спроведува врз основа на стриктна писмена согласност на страните, освен во спорните односи каде што со посебен закон започнувањето на постапка на медијација е предвидено како услов за водење на судска или друга постапка.

Судот или друг орган, кој со посебен закон е обврзан на страните да им укаже на можноста за користење на медијацијата, е должен да ги обезбеди потребните информации до страните за можностите на медијацијата.

Страните се рамноправни во постапката за медијација, а медијаторот е должен, уважувајќи ги сите околности на спорниот однос, на страните да им обезбеди рамноправна положба.

Во постапката за медијација медијаторот постапува неутрално и непристрасно во однос на страните или на спорниот однос.

Сите информации што произлегуваат или што се поврзани со постапката на медијација ќе останат доверливи, освен ако страните писмено поинаку не се договориле. Страните, нивните законски застапници и полномошници, медијаторите, третите лица кои присуствуваат на постапката за медијација, како и лицата кои извршуваат административни работи за потребите на медијацијата, се должни сите податоци, предлози и изјави во врска со постапката за медијација да ги чуваат како тајна и одговараат за штетата настаната со повреда на оваа обврска.

Предлозите изнесени во текот на медијацијата, дадени исклучиво во правец на постигнување на спогодбата, не можат да се користат во судска, арбитражна или друга постапка, ниту да се соопштат на друг начин. Судот или другиот орган кој ја води постапката нема да ги прифати предлозите ако бидат понудени од која било од страните или нивните полномошници.

Во постапката за медијација јавноста е исклучена. Во постапката за медијација учествуваат страните. Страната која не е деловно способна, како и страната која има ограничена деловна способност, надвор од границите на деловната способност, ја застапува законски застапник.

Правното лице го застапува законски застапник, односно овластен полномошник. Полномошниците на страните можат да учествуваат во постапка за медијација, освен ако нивното учество не е исклучено со посебен закон. Трети лица можат да присуствуваат на постапката за медијација само со дозвола на сите страни кои учествуваат во постапката на медијација.

Страните имаат еднакви можности за учество во постапката за медијација, за што ќе бидат информирани на јасен и разбирлив начин од страна на медијаторот. Во водењето на постапката медијаторот постапува еднакво со страните имајќи ги предвид околностите на случајот.

Страните, нивните законски застапници и полномошници, медијаторите, третите лица кои присуствуваат на постапката на медијација, како и лицата кои извршуваат административни работи за потребите на медијацијата, не можат во која било судска или друга постапка да се повикаат на факти, да сведочат или да предлагаат како доказ:

  • факт дека една од страните предложила постапка на медијација или изразила волја да учествува во таа постапка;
  • мислења и ставови изнесени од страните во постапка на медијација, или предлозите изнесени во таа постапка исклучиво со цел за постигнување на спогодбата;
  • можните начини за решавање на спорниот однос кои во текот на постапката за медијација ги изнел медијаторот и фактот дека едната страна во постапката изразила спремност да го прифати предложениот начин на решавање на спорниот однос или исправа подготвена исклучиво за потребите на постапката за медијација.

Постапката на медијацијата е економична, ефикасна и брза постапка до која страните имаат лесен и еднаков пристап.

M.В