/ Прочитано:

1.077

Начелно правно мислење за право на надомест на штета на Агенцијата за привремени вработувања од работодавачот-корисник

Врховниот суд на Република Северна Македонија на Општа седница, co која претседаваше Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија Беса Адеми, одржана на ден 29.04.2024 година, расправајќи по Иницијативата поднесена од адвокат Драган Тоневски од Скопје, СУ-ОЗ.бр.541/22 од 05.09.2023 година, согласно член 101 од Уставот на Република Северна Македонија и член 37 став 1 точка 1 од Законот за судовите („Сл.весник на РМ“ бр.58/06, 35/08, 150/10, 83/18 и 198/18 и „Сл.весник на РСМ“ бр.96/19), го утврди следното:

НАЧЕЛНО ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

Агенцијата за привремени вработувања (Приватна агенција за вработување) има право на надомест на штета од работодавачот-корисник, за надоместот од работен однос што го исплатил на привремениот агенциски работник.

Образложение

До Врховниот суд на Република Северна Македонија поднесена е Иницијатива од адвокат Драган Тоневски од Скопје, согласно член 37 став 1 точка 1 од Законот за судовите („Сл.весник на РМ“ бр.58/06, 35/08, 150/10, 83/18 и 198/18 и „Сл.весник на РСМ“ бр.96/19), за утврдување начелен став или начелно правно мислење од значење за обезбедување на единство од страна на судовите, поради постоење на различна судска практика по однос на примената на член 3-а став 7 и член 3-б став 1 од Законот за агенции за привремени вработувања („Службен весник на РМ“ бр.49/06 …. 27/16). Според подносителот за еднаква примена на законите, потребно е Општата седница да се изјасни по однос на следното правно прашање: „Дали Агенцијата за привремени вработувања (Приватна агенција за вработување) има право на надомест на штета од работодавачот-корисник, за надоместот од работен однос што го исплатил на привремениот агенциски работник?”

Кон Иницијативата се приложени повеќе судски одлуки, од чија анализа произлегува дека постои различна судска практика по однос на наведеното правно прашање и тоа во рамки на исто апелационо подрачје, како и на две различни апелациони подрачја, па потребно е согласно член 101 од Уставот на Република Северна Македонија и член 37 став 1 точка 1 од Законот за судовите и член 63 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија („Сл.весник на РСМ“ бр.14/22), Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија да утврди начелно правно мислење заради обезбедување на единство co примената на законите од страна на судовите.

Согласно co член 3-а став 7 од Законот за агенциите за привремени вработувања („Сл.весник на РМ бр.49/06, 102/08, 145/10, 136/11, 13/13, 38/14, 98/15, 147/15, 27/16, 119/16 и 21/18), основни услови за работа и вработување претставуваат условите за работа и вработување утврдени co законите и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот-корисник, кои се однесуваат на должината на работното време, прекувремената работа, паузи, периоди за одмор, ноќна работа, празници и надоместоци.

Во член З-б став 1 од истиот закон, е определено дека основните услови за работа и вработување на привремените агенциски работници кои ќе бидат исполнети за времетраењето на нивното отстапување кај работодавачот-корисник, се истите оние услови кои би се обезбедиле доколку работниците би биле вработени директно од страна на истиот работодавач за извршување на истата работа.

Согласно co член 11 став 3 алинеја 11 од Законот за агенциите за привремени вработувања („Сл.весник на РМ“ бр.49/06. . .27/16), договорот за отстапување од ставот 1 на овој член, содржи особено обврските на корисникот за исплата на додатоците и надоместоците, согласно закон и колективен договор.

Co денот на влегувањето во сила на Законот за приватните агенции за вработување („Сл.весник на РМ“ бр.113 од 20.06.2018 година) престанува да важи Законот за агенциите за привремени вработувања („Сл.весник на РМ бр.49/06, 102/08, 145/10, 136/11, 13/13, 38/14, 98/15, 147/15, 27/16, 119/16 и 21/18).

Co цитираните законски одредби се регулирани основните услови за привремените вработувања, а тоа се истите оние услови кои би се обезбедиле доколку работниците би биле вработени директно од страна на истиот работодавач за извршување на истата работа, а особено обврските на корисникот за исплата на додатоците и надоместоците, согласно закон и колективен договор.

Имено, co наведените одредби привремените агенциски работници ги имаат истите права кои кај работодавачот – корисник ги имаат неговите работници кои директно засновале редовен работен однос co работодавачот – корисник, па во услови кога работодавачот – корисник имал законска обврска на своите редовни вработени да им исплатат некој надоместок, иста таква обврска имал и спрема привремениот работник кој му бил отстапен од страна на Агенцијата за привремени вработувања. Од одредбите од член 3-а став 7, член 3-б став 1 и член 11 став 3 алинеја 11 од Законот за агенциите за привремени вработувања произлегува дека основни услови за работа и вработување претставуваат условите за работа и вработување утврдени co законите и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот-корисник, а тоа се истите оние услови кои би се обезбедиле доколку работниците би биле вработени директно од страна на истиот работодавач за извршување на истата работа, а од друга страна договорот за отстапување содржи кои се обврските на корисникот за исплата на додатоците и надоместоците согласно закон и колективен договор.

По однос на ова правно прашање за право на регрес на Агенцијата за привремени вработувања спрема работодавачот – корисник, за исплатениот надоместок на привремениот работник, има различно постапување на судовите и тоа дел од судовите донеле одлуки co кои се усвоени тужбените барање на Агенцијата за привремени вработувања спрема работодавачот – корисник кој треба да му го исплати како регрес исплатениот надомест, при тоа повикувајќи се на одредбите од примената на член 3-а став 7 и член 3-б став 1 и член 11 став 3 алинеја 11 од Законот за агенции за привремени вработувања, затоа што на привремениот агенциски работникот му следуваат истите прва од работен однос како да бил вработен директно кај работодавачот – корисник. Од друга страна судовите на апелационото подрачје Штип во некои одлуки го одбиле тужбеното барање на Агенцијата за привремени вработувања спрема работодавачот – корисник за регрес од причина што заклучиле дека Агенцијата за привремени вработувања како работодавач е во обврска да ги плати на привремениот агенциски работник сите обврски кои произлегуваат од работен однос и дека согласно договорот за отстапување на работници за вршење на привремени работи склучени помеѓу странките, каде договорните страни ги нотирале своите меѓусебни права и обврски, истите немаат нотирано дека тужениот како работодавачот – корисник е должен на привременото отстапениот работник да му го обезбеди правото на надоместок

Оттука, при постоење на законски одредби за начинот на регулирање на привременото вработување, произлегува дека во случајот согласно co член 3-а и член 3-б и член 11 став 3 алинеја 11 од Законот за агенциите за привремено вработување, регулирани се основните услови за привремените вработувања и дека тоа се истите оние услови кои би се обезбедиле доколку работниците би биле вработени директно од страна на истиот работодавач за извршување на истата работа, па во случај кога Агенцијата за привремени вработувања му исплатила на привремениот агенциски работник определен надоместок од работен однос, работодавачот – корисник треба да му исплати регрес за исплатениот надомест.

 

Општа седница
на Врховен суд на Република Северна Македонија