/ Прочитано:

1.613

НАЧЕЛО НА „ИТНОСТ“: За одговор на барање за бесплатна правна помош се чека дури и 80 дена

Во рамки на Проектот „Пристап до правда во Македонија“, од февруари до ноември оваа година дадени се вкупно 860 општи правни информации како форма на претходна правна помош на заинтересирани граѓани, од каде велат дека 45 социјално загрозени граѓани побарале бесплатна правна помош и просечно чекале дури 80 дена за одговор. Од „Пристап до правда во Македонија“ за Академик велат дека неминовно е изменување на Законот за бесплатна правна помош и посочуваат дека неговата примена предизвикува проблеми во пракса како што е проблемот со преклузивните рокови, кои директно одат на штета на граѓаните.

 

Проектот „Пристап до правда во Македонија“ е финансиран од Европската унија и неговата цел е унапредување и промовирање на правото на бесплатна правна помош. Проектот го координира Фондацијата Отворено општество – Македонија, а партнерски организации се Македонско здружение на млади правници – Скопје, Национален ромски центар – Куманово, Младински културен центар – Битола, ЕХО – Штип, Избор – Струмица и 8-ми Септември – Скопје.

Според податоците на „Пристап до правда“, во просек по 100 граѓани месечно се обраќале до правниците во мрежата со цел добивање одговор на некоја правно-административна дилема, односно правен проблем. Во Македонија, според прописите, право на бесплатна правна помош имаат лицата кои со оглед на својата материјална положба, не би можеле да ги остварат со Устав и закон загарантираните права, без да го загрозат сопственото издржување и издржувањето на членовите на своето семејство со кои живеат во заедничко домаќинство. Претходна правна помош даваат овластени службени лица во подрачните одделенија на Министерството и овластени здруженија на граѓани запишани во Регистарот на здруженија на граѓани за претходна правна помош.

417 иницијални правни совети во врска со правото за користење на бесплатна правна помош

Елена Георгиевска од „Пристап до правда во Македонија“ вели дека тие како вмрежена структура на организации и здруженија на граѓани работат со тие граѓани, разговараат со нив и ги запознаваат со правните аспекти. Георгиевска објаснува дека барањата за бесплатна правна помош на граѓаните ги проследуваат до Министерството за правда кое според постапката ја проверува нивната имотна состојба и социјалната загрозеност, па потоа донесува решение со кое се определува и адвокат за нивното застапување од листата на регистрирани адвокати.

„Во рамки на 860-те општи правни информации, биле дадени и 417 иницијални правни совети во врска со правото за користење на бесплатна правна помош (БПП).Ова значи дека скоро половина од граѓаните кои се обратиле со некакво општо правно прашање до нашата мрежа, притоа биле запознаени со условите поставени од Законот за бесплатна правна помош. Од нив, 104 граѓани добиле помош при комплетирање на барањето за бесплатна правна помош кое се поднесува до подрачните единици на министерството за правда“, велат од „Пристап до правда во Македонија“.

 „Сто граѓани месечно се обраќале до правниците во нашата мрежа со цел добивање одговор на некоја правно-административна дилема, односно правен проблем. Од 860-те општи правни информации, биле дадени и 417 иницијални правни совети во врска со правото за користење на бесплатна правна помош (БПП)“ – Александар Стојановски, координатор на Проектот „Пристап до правда во Македонија“

Гледајќи ја структурата на 860-те дадени општи правни информации, може да се воочи дека најголем дел од општите правни информации кои биле дадени во врска со правни дилеми или предизвици кои заинтересираните граѓани ги имале се во делот на:

Социјална заштита 163 или 19%

Судски, управни и извршни постапки 138 или 16%

Семејни односи 74 или 9%

Семејно насилство 69 или 8%

Здравствено осигурување 73 или 8%

Заштита на деца 40 или 5%

Работни односи 44 или 5%

Пензиско осигурување 39 или 4%

Од „Пристап до правда во Македониja“ велат истакнуваат дека статусот „примател на социјална помош“ е поставен како задолжителен услов задобивање на БПП.

Забавената постапка иницира други правни проблеми

„Во оваа смисла, паѓа во очи процентот на граѓани кои се обратиле во врска со проблем или потреба од остварување право од областа на социјалната заштита (19% или 163 граѓани). Загрижувачко е тоа што лицата кои не се носители на правото на социјална помош, по автоматизам се заобиколени од остварување на правата кои ги обезбедува Законот за БПП.Проблемот е во тоа што граѓаните имаат потешкотии да остварат далеку поосновно право од правото на БПП, кое право пак е условено со имање статус на лице „корисник на социјална помош“, што очигледно е премногу комплициран статус за стекнување во нашиот административно-правен систем за голем број граѓани. Постапката за решавање по поднесените барања за БПП, повторно е забавена и сè уште го пробива законскиот рок. Просечното време за донесување одлука по поднесените барања бележи пораст. Во споредба со 2013-та година кога просечното време за одлучување по поднесените барања за БПП изнесува 38 дена, оваа година (2014-та) има пораст на просечниот период на одлучување за повеќе од 100% и сега изнесува скоро 80 дена. Овој податок укажува на фактот дека е речиси невозможно да се донесе решение во законскиот рок од 20 дена и да се даде квалификација дека постапката во практиката го исполнила начелото за итност, врз основа на кое е уредена. Постапката за одлучување по барањето за бесплатна правна помош која трае 80 дена, не овозможува одобрување на бесплатна правна помош за правни прашања за кои се предвидени кратки рокови за преземање на правните дејствија (работните односи, пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување, како и за определени имотно-правни прашања за кои се пропишани кратки рокови). Уште помалку овозможува помош во случаи на семејно насилство или нарушени семејни односи кои на национално“, објаснуваат од таму.

„Со забавената постапка се нарушува начелото на итност на постапката. Наместо одговор на барањето за 20 дена, нема одговор дури и 2 месеци, а тоа создава огромен проблем кога треба да се испочитуваат преклузивните рокови, како на пример во предмети од работните односи“ – Елена Георгиевска, правник во македонско Здружение на млади правници – проект  „Пристап до правда во Македонија“

Според „Пристап до правда во Македонија“, податокот за 40 барања за БПП кои сè уште се во постапка на одлучување и скоро 20 барања за БПП кои биле запрени пред првостепената одлука да биде донесена, укажуваат дека има проблем со имплементацијата на принципот на итност во постапувањето по овие барања.

Потреба од промена на законодавството и започнување на консултативен процес

„Потребна е промена на условите кои законот ги диктира со цел опфаќање на лица и граѓани кои не се во можност да го трасираат и изодат патот до социјална помош, лица кои се жртви на семејно насилство, лица кои имаат потешкотии во врска со остварување на нивните работнички права, итн“, потанцираат од таму, додавајќи дека  потребна е децентрализација при одлучувањето за барањата за БПП и дека  моменталниот период потребен за одлучување по однос на барањата за БПП од 80 дена е крајно проблематичен и не дозволува запазување на преклузивни рокови кои административно-правните системи ги наметнуваат.

„Дополнително, поради должината на постапката и истекот на роковите со кои се врзани барателите на бесплатната правна помош во решавањето на нивните правни проблеми, 10 баратели на азил кои поднесоа барање за бесплатна правна помош поради должината на постапката не го дочекаа исходот и по напуштањето на земјата, постапката беше запрена од страна на надлежните органи. Во таа смисла апелираме до надлежното Министерството за правда да ги има предвид заложбите на Владата превидени во Програмата за работа во 2014 година за поефикасна, сеопфатна, навремена и институционално координирана правна заштита, и итно да започне консултативен процес за менување на системот за бесплатна правна помош во Македонија“, апелираат од „Пристап до правда во Македонија“.

Кои се клучните проблеми и предизвици со кои се соочува примената на Законот за бесплатната правна помош?

Законот за бесплатна правна помош, посочуваат од „Пристап до правда во Македонија“, и по четири години од започнувањето со примена се соочува со помалку или повеќе истите проблеми и предизвици на кои беше укажано непосредно по неговото стапување на сила.

Во зависност од причините, проблемите можат да се поделат во три групи:

1) проблеми кои произлегуваат од начинот на кој што е уредена бесплатната правна помош,

2) проблеми кои произлегуваат од слабиот номотехнички квалитет на Законот

3) проблеми кои се однесуваат на капацитетот на државните органи да го спроведат Законот.

Според анализите на „Пристап до правда во Македонија“, условите кои Законот ги уредува во однос на правното прашање и во поглед на материјалната положба на лицата кои бараат правна помош се неоправдано строги и го спречуваат пристапот до правда за значителен број лица кои, иако живеат во сиромаштија се оневозможени да го користат правото на бесплатна правна помош. Листата на правни прашање за кои може да се одобри бесплатна правна помош е претесна и не опфаќа неколку мошне значајни правни области со кои се соочуваат граѓаните како што се: проблемите од семејно-правните односи (поништување и развод на брак, споровите околу старателство, издршката, поделбата на брачниот имот), проблемите поврзани со потрошувачкото право кои не можат да се подведат под имотно-правни прашања, остварувањето и заштитата на правата од социјалната заштита, како и статусните прашања (деловна способност, државјанство).

Законот за бесплатна правна помош овомозможува покривање само на дел од вкупните трошоци на постапките и се однесува само на трошоците за правна помош (за здруженијата и адвокатите). Надвор од ова, Законот не предвидува ниту уредува какои на кој начин лицето кое користи право на бесплатна правна помош (со материјалнасостојба каква што е утврдена со решението) ќе ги плати судските и административните такси, трошоците за изработка на наод и мислење од вешто лице, трошоците за превод и толкување како и за обезбедување на докази.

Претходната правна помош замислена како инструмент за информирање и советување на граѓаните пред поведување на судски и управни постапки, иако мошне потребна за граѓаните, според начинот на кој е уредена со Законот не овозможува континуитет во работата на овластените здруженија.

Иако е уредена како итна, постапката во која се одлучува по барањата за бесплатна правна помош значително се одолговлекува и речиси е невозможно истата да се врами во законскиот рок од 20 дена. Во просек потребни се од 40 до 50 дена за да се одлучи по барање за бесплатна правна помош. Причините за одолговлекувањето се состојат во потребата од собирање на податоци од повеќе различни државни органи, писмената комуникација наместо електронска, двостепеноста во постапувањето, како и потребата одлуките да ги потпише министерот за правда. Оваа околност придонесува бесплатната правна помош воопшто да не е применлива за многу правни работи каде е важно преземање на дејствија во кратки рокови (работни односи, социјална заштита,пензиско и инвалидско осигурување, заштита на жртви од семејно насилство и сл.).

Законот не содржи одредби кои поблиску ја уредуваат ситуцијатата кога лице кое е корисник на бесплатна правна помош успее во парнична постапка, па согласно ЗПП има право на надомест на трошоците кои би ги имало од спротивната страна.

Истиот изобилува со нејасни и недоволно прецизни законски одредби, правни празнини, одредби кои противречат една со друга и неусогласеност со други важечки норми содржани во други закони.Подрачните одделенија на Министерството за правда, надлежни за прием и комплетирање на барањата за бесплатна правна помош се соочуваат со недоволна кадровска и техничка опременост.

Реакција до Министерството за правда

Од „Пристап до правда“ посочуваат дека за потребите од измена на легилслативата  го информирале и Министерството за правда:

„Имајќи предвид дека една третина од населението во Република Македонија живее во сиромаштија,неспорна е потребата на граѓаните на Република Македонија од ефикасен и квалитетен Закон за бесплатна правна помош. Овие граѓани заради тешката материјална положба немаат можност да ги поднесат трошоците на постапките при остварувањето и заштитата на своите права во сложените судски и управни постапки. Поради тоа, се случува тие да не можат да ги остварат своите со Устав и закон загарантирани права со што се доведени во нееднаква положба во однос на останатите граѓани и им е ускратено правото на пристап до правда. Покрај сиромашните граѓани, во Република Македонија постојат и значителен број на маргинализирани и ранливи групи како што се: жртвите на семејно насилство, децата и малолетниците, жртвите на трговија со луѓе, бездомниците, лицата без документи и барателите на азил, кои поради посебноста на ситуацијата во која се наоѓаат, неукост, сиромаштија или предрасуди имаат проблеми при обезбедување на правна помош за остварување на некое право. Покрај објективната потреба на граѓаните од бесплатна правна помош, Република Македонија е обврзана со Уставот и со Европската конвенција за човекови права да воспостави инструменти преку кои ќе ги гарантира и заштитува основните човекови права, вклучително и правото на еднаквост и правото на пристап до суд. Законот за бесплатна правна помош како инструмент кој има за цел да го олесни пристапот до правда е потребен за функционирањето на правичен правен систем и поради тоа потребно е неговата примена да биде предмет на засилен надзор како од страна на државата, така и од страна на граѓанскиот сектор“ – дел од писмото на „Пристап до правда во Македонија“ до министерот за правда, Аднан Јашари, а во врска со потребата од изменување на Законот за бесплатна правна помош.

20.11.2014/М.В/veljanoskim@akademik.mk