/ Прочитано:

3.401

Начелото на јавност на постапката е едно од основните начела за гаранција на правото на фер судење

Хелсиншкиот комитет реагира во врска со вчерашното рочиште за предметот „27 Април“, кој се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје, а на кое рочиште требаше да се распраша заштитениот сведок на ОЈО.

„На рочиштето судечкиот совет соопшти дека ЈА ИСКЛУЧУВА ЈАВНОСТА, по барање на ОЈО, наведувајќи само дека е врз основа на член 354, без притоа да прецизира точно поради која од причините утврдени со овој член се исклучува јавноста. Со тоа, на сите присутни како јавност, вклучително и на набљудувачите од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од други домашни организации кои ја следат оваа судска постапка, не им беше дозволено да го мониторираат денешното рочиште и распитот на заштитениот сведок. Сепак, судскиот совет, повикувајќи се на членот 355 став 2 од ЗКП, дозволи да останат набљудувачите на Мисијата на ОБСЕ и на Американската амбасада во Скопје, со образложение дека имале соодветни кодекси за доверливост.

Ваквата одлука на судечкиот совет за овој судски предмет претставува повреда на начелото на јавност на постапката, кое е едно од основните начела за гаранција на правото на фер судење“, велат од Комитетот.

Имено, Законот за кривичната постапка јасно и прецизно го уредува начелото на јавност на постапката и со членот 353 ст. 1 утврдува дека главната расправа во кривичната постапка е јавна, а по исклучок (член 354) јавноста може да се исклучи ако е тоа потребно заради чување на државна, воена, службена или важна деловна тајна, чување на јавниот ред, заштита на приватниот живот на обвинетиот, сведокот или оштетениот, заштита на безбедноста на сведокот или жртвата и /или заштита на интересите на малолетно лице.

Во конкретниов случај, судечкиот совет при објавата на решението за исклучување на јавноста, не ги утврди и не ги образложи точните причини за исклучување на јавноста наведени во членот 354 од ЗКП.

„Распитот на заштитен сведок, сам по себе, не може да биде причина за исклучување на јавноста, токму од причина што безбедноста на сведокот е загрозена, истиот е ставен под заштита и се испрашува во постапката според одредбите за распит на заштитен сведок (членови 228, 229, 230 и 338 од ЗКП). Со самото тоа што идентитетот на сведокот е заштитен (член 229) и истиот не се распрашува со директно присуство во судската сала туку преку технички уреди за пренос на слика и тон и замаглување на неговиот лик и глас ( член 230) се заштитува и се гарантира безбедноста на заштитениот сведок. Од тие причини и законодавецот не одредил исклучувањето на јавноста да биде правило секогаш кога ќе се испитува заштитен сведок.

Од друга страна, имајќи ја предвид чувствителноста и заинтересираноста на јавноста за овој предмет, од голема важност е јавноста постојано да биде вклучена и соодветно информирана за текот на постапката. Хелсиншкиот комитет за човекови права е организација која повеќе години врши мониторинг на судските рочишта со цел да ја следи законитоста во постапувањето на судовите, како и правилно и навремено известување на јавноста за актуелни судски постапки.

Поради тоа ваквата одлука на судечкиот совет, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја смета за незаконска одлука со која се повредува правото на фер судење и начелото на јавност на постапката како неизоставна компонента на ова право и како гаранција за фер и законито постапување на судовите. Хелсиншкиот комитет укажува дека во иднина јавноста треба да биде исклучена само и единствено кога се исполнети условите изречно прецизирани во членот 354 од ЗКП и во ниеден друг случај“, велат од Комитетот.

Кривичниот суд: Ги разбираме реакциите на одбраната поврзани со условите во кои работи судот, но условите се тие

„Не сме декор во судот“ – велат адвокатите во предметот „27 април“, кои денес беа казнети и отстранети од судница

Коалицијата „Сите за правично судење“ повторно реагира за предметот „27 април“: Загрижува ставот на Кривичниот суд

Предметот „27 април“ и маратонските рочишта во месечниот извештај за состојбата со човековите права

Кривичниот суд со соопштение за маратонските судења во предметот за 27 април

Јавна реакција на Коалицијата „Сите за правично судење“ за предметот „27ми април“: Се постапува на штета на обвинетите

Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ не се чувствуваат виновни

Обвинетите не се терористи и предметот е политички мотивиран, велат адвокатите во воведните зборови за „27 април“

Обвиненија за настаните во Собранието

М.В