/ Прочитано:

6.944

НАЦИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА: Воведување на заедничко родителство и по развод во Македонија

Денеска во организација на народниот правобранител, Граѓанската иницијатива за воведување на заедничко и одговорно родителство по развод и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и со поддршка на Националниот демократски институт (НДИ), се одржа конференција за потреба од воведување на заедничко родителство по развод во Македонија и влијанието на овој концепт врз остварувањето на правата на детето.

Разводот на бракот, беше нагласено на денешната конференција, не значи престанок на родителството, така што родителите треба одговорно и еднакво да се грижат за детето и по разводот. Потребно е да се смени сегашната неправедна положба во однос на остварувањето на родителските права по развод, а во насока на воведување заедничко старателство.

Во таа насока, потребни се измени на Законот за семејството со кој ќе се овозможи остварување на целите на одговорно родителство и по разводот, на кои упатува и практиката на Европскиот суд за човековите права, но и Резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа 2079 (205) во која се нагласуваат еднаквоста и споделената одговорност.

„Споделената родителска одговорност значи дека родителите имаат права, обврски и одговорности во однос на своите деца. Инволвирањето на двајцата родители во одгледување на нивното дете е благопријатно за развојот на тоа дете. Разделбата на родителот од детето има непоправливи последици врз нивната врска. Една таква разделба треба да се наложи од страна на суд и тоа само во исклучителни околности кои предвидуваат тешки ризици за интересот на детето“, се вели во Резолуцијата на Советот на Европа во која се нагласува и улогата на татковците во однос на нивните деца.

Улогата на татковците, се вели во Резолуцијата, мора да биде подобро признаена и соодветно вреднувана. Фактот е дека татковците некогаш се соочуваат со закони, практики и предрасуди кои можат да предизвикаат тие да бидат лишени од суштинските врски со нивните деца.

„Во својата Резолуција, Советот на Европа ги повикува државите членки да го почитуваат правото на татковците на споделена одговорност, овозможувајќи го тоа преку Законот за семејство кој ќе предвидува дека во случај на разделба или развод, можноста за заедничко/споделено родителство над децата е во нивен најдобар интерес, а врз основа на заемен договор меѓу родителите“, се истакнува во Резолуцијата на Советот на Европа.

Парламентарното собрание на Советот на Европа цврсто верува дека развивањето споделена родителска одговорност помага за надминување на родовите стереотипи во врска со, како што посочува Собранието, улогите што им се припишуваат на жените и мажите во рамки на семејството и дека таа едноставно е одраз на општествените промени кои се случија во последниве педесет години во однос на тоа како е организиран приватниот и семејниот живот.

Заменик народниот правобранител и раководител на одделот за заштита на правата на децата и лицата со посебни потреби, Васка Бајрамовска – Мустафа, нагласува дека детето има право да биде чувано и воспитувано од двајцата родители, бидејќи, како што подвлече Бајрамовска, разводот на родителите не значи и престанок на родителската одговорност, што не е во интерес на детето.

„За жал, родителите по разводот или престанувањето на заедничкиот живот како да забораваат дека тие не се единствените страни, дека има уште една страна, а тоа е детето, плодот на нивната љубов. Во тој нивен меѓусебен ‘натпревар’ по разводот, забораваат дека со тоа му наштетуваат на детето. Уште пострашно е што некои родители сметаат дека по разводот детето воопшто не треба да се гледа со другиот родител. И така децата стануваат жртви на своите родители, кои ги користат како инструмент не водејќи сметка за нивните права и најдобриот интерес на детето непречено да остварува контакти со родителот со кој не живее“, истакна Бајрамовска.

Практиката на народниот правобранител, посочи Бајрамовска, потврдува дека многу деца  по разводот на родителите живеат разделено од едниот родител и воопшто немаат контакти. Како што посочи Бајрамовска, претставки за нарушување на родителското право не поднесувале само родителите туку и децата.

Во своите обраќања до народниот правобранител, децата го изразувале и својот страв дека по разводот веќе нема да се гледаат со еден од своите родители или, пак, дека нема да можат да остваруваат контакти како порано пред разводот. Родителите, пак, до народниот правобранител се жалеле на неадекватна примена на прописите и неефикасност на институциите, особено на центрите за социјална работа.  Повикувајќи се на практиката на Европскиот суд за човековите права и конвенциското право за заштита на правата на детето, Бајрамовска истакна дека е неопходно да се разгледаат прашањата за потребата од менување на семејното законодавство, што покажува практиката и како да се подобри функционирањето на институциите за чија неефикасност говорат и податоците на народниот правобранител.

Досегашниот концепт на еден главен родител, истакна Наум Рибароски, на кого му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство е, пред сѐ, штетен за децата кои де факто го губат едниот родител.

Од тие причини, вели Рибароски, предлагаме нов концепт со кој двата родитела, и по развод, ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак. Едноставно ние, подвлече Рибароски, не сакаме да бидеме родители од втор ред затоа што тоа првенствено е на штета на детето. Интересите на детето, нагласи Рибароски, сепак се најважни.

Како претставник на групата граѓани од Иницијативата за воведување на заедничко родителство по разводот, Рибароски образложи дека со воведувањето на заедничкото родителство и по разводот ќе се оствари правото на детето на  видување со родителот со кој не живее и ќе се избегне дискриминацијата.

Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, истакна дека потребата за воведување на заедничко родителство и по разводот треба да е насочена кон она што е најважно – најдобриот интерес на детето.

„Детето никогаш не треба да се стави во ситуација да избира меѓу двајцата родители. Од особена важност за детето се поддршката и љубовта од двајцата родители. Тоа не треба да се отуѓува од родителот. Разводот треба да биде престанок на бракот, а не престанок на родителството.  За детето е важно да знае дека двајцата родители донеле одлука за развод и дека тоа не е виновно за таа ситуација. Со оглед на тоа што оваа состојба носи доста прашања за детето, на децата треба на прифатлив начин за нивната возраст и зрелост да им се претстави ситуацијата, нивните потреби да се стават во преден план и секогаш да се посветува внимание на емоциите на децата. Согласноста за заедничко вршење на родителското право, со која родителите на детето се согласуваат дека родителските права и обврски ќе ги извршуваат заеднички и со меѓусебно договарање, меѓу другото, подразбира и утврдување на живеалиштето на детето затоа што во психолошка смисла за детето е особено важно да знае каде му е домот. Овој модел подразбира и зајакнување на квалитетната комуникација меѓу родителите, со цел да се намали и да се спречи трауматичното чувство кај децата поради разделбата на двајцата родители“, истакна Змијанац.

Надлежниот суд и стручниот тим на центрите за социјална работа, подвлече Змијанац, при оцената за доверување на детето на чување и воспитување, треба да тргнуваат од позицијата дека двајцата родители треба заедно и непосредно да го вршат родителското право, односно стартната позиција за можност за заедничко старателство да биде рамноправна и еднаква.

„Детската амбасада ‘Меѓаши’ се залага да се даде ваква можност кога ќе оценат центрите за социјална работа дека двајцата родители може да преземат еднаков дел од обврските во подигнувањето и воспитувањето на детето и негов правилен раст и развој. На овој начин, двајцата родители ќе имаат исти права и обврски кон детето во неговиот раст и развој, како и при донесување на одлуки за детето, односно ќе практикуваат одговорно и квалитетно родителство и по разводот. Доколку при ваква стартна позиција стручните тимови на центрите за социјална работа, во согласност со однапред утврдени критериуми, утврдат дека двајцата родители можат да му понудат на детето квалитетно родителство, тогаш заедничкото старателство треба да биде појдовна основа. Но даденото заедничко старателство во иднина треба да биде предмет на континуиран мониторинг и надзор од страна на стручните служби и преиспитување, односно следење на двајцата родители во остварувањето на нивните родителски права и обврски. Доколку при овој мониторинг се утврди дека еден од родителите не го врши квалитетно родителското право и доколку тоа не е во најдобар интерес на детето, центарот го задржува правото да предложи старателството да биде доделено на другиот родител, а првиот да одржува лични односи и непосредни контакти со детето, земајќи ги предвид интересите на децата“, образложи Змијанац.

На денешната конференција  беше истакнато дека за потребата од реформи во семeјното законодавство говори и пресудата Митови против Република Македонија, во која Стразбур  утврдил дека на ЦСР му биле потребни помеѓу два и пет месеци за да донесе решение за уредување на личните и непосредните контакти со детето, а вкупно биле донесени седум решенија.

„Пресудата на Стразбур само го потврдува она што се јавува како проблем во практиката и ги отвора прашaњетo за една темелна реформа во структурата и надлежностите на семeјното законодавство и на работата на центрите за социјални работи“, беше истакнато на денешниот настан.

Иницијативата за заедничко старателство и одговорно родителство и по развод започна пред две години кога група родители побараа измени на Законот за семејството и воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство, со што би се остварила праведна положба на родителите во однос на остварувањето на родителските права по развод.

„Децата  нема да имаат еден главен и еден спореден родител, туку ќе продолжат да ја чувствуваат еднакво љубовта од двата родители. Без оглед на разводот, двата столба врз кои се гради личноста на детето сѐ уште ќе бидат присутни во неговиот живот“, нагласуваат родителите.

РАЗВОДОТ НА БРАКОТ НЕ ЗНАЧИ ПРЕСТАНОК НА РОДИТЕЛСТВОТО: Родителите треба одговорно и еднакво да се грижат за детето

Д-р Наташа Најденова-Левиќ, адвокатка, за проблемите во остварувањето на правото на видување на детето со родителот со кој не живее

РОДИТЕЛИ БАРААТ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Заедничко старателство и одговорно родителство и по развод

М.В