/ Прочитано:

1.283

Надлежните институции за случајот со девојчето штитеник: Сериозни индиции за сексуална експлоатација и трговија со луѓе

МТСП објави соопштение во врска со наводите на Европскиот центар за правата на Ромите за случајот на сексуално злоупотребување на штитеничка на ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје.

Од Министерството велат дека постојат сериозни индиции за сексуална експлоатација на малолетничката во периодите кога ја напуштала установата, односно дека Р. И. е жртва на трговија со луѓе. За ова, велат од Министерството, е информирано и Министерството за внатрешни работи за натамошно постапување.

Од Министерството велат дека се невистинити информациите дека Р. И. била сексуално злоупотребувана во самата институција каде што е згрижена. Исто така, додаваат од МТСП, би сакале да ги демантираме наводите дека родителското право е одземено поради состојба на сиромаштија. Нејзините родители биле осудени на затворска казна поради злоупотреба на децата, занемарување на родителска должност и користење на деца за питачење.

„Од тие причини, во изминатите години Р. И. била сместувана во неколку згрижувачки семејства и во ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје. Воедно, потенцираме дека Заводот е од отворен тип и нема ингеренции со примена на сила да ги држи децата во установата. Поточно, такво однесување е забрането со закон“, велат од Министерството.

Итна истрага за овој случај бараат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од извештајот на Европскиот центар за правата на Ромите произлегува дека штитеничката, заедно со други деца од домот, била однесена на ‘детски летен камп’, каде што непознат маж сексуално ја злоупотребувал штитеничката. Откако била вратена во домот, штитеничката го пријавила случајот кај згрижувачите во домот, но пријавите не биле земени како релевантни и штитеничката била обвинета дека лаже. Подоцна штитеничката била пренесена во Заводот за згрижување „Ранка Милановиќ”, каде што открила дека останала бремена како резултат на сексуалното злоупотребување.

„Алармантна е веста дека освен предметниот случај, постојат сознанија за уште два слични случаи на малолетни девојчиња кои исто така се штитенички на установата „25 Мај”. Сериозноста на овие случаи бара итно испитување и постапување на Министерството за труд и социјална политика за итно да се заштитат децата кои не само што се во социјален ризик, како деца без родители и родителска грижа, туку се во уште поголем ризик и сериозни закани за повреди и прекршувања на нивните права, без никаква заштита од страна на државата. Бараме од Министерството за труд и социјална политика да спроведе надзор во установата „25 Мај” и да излезе со информации за конкретниот случај и за мерките што ќе бидат преземени. Бараме одговорност и итна заштита на децата штитеници!“, велат од Комитетот.

Напоменуваме, додаваат од Комитетот, дека во случајот се работи за кривично дело „Трговија со дете”, во согласност со членот 418-г од Кривичниот законик на РМ, чие битие гласи:

„Тој што ќе подведе дете на вршење полови дејствија или ќе овозможи вршење полови дејствија со дете или врбува, превезува, пренесува, купува, продава или нуди за продавање, прибавува, обезбедува, засолнува или прифаќа дете заради експлоатација по пат на негово користење во сексуални активности за паричен или друг надоместок или други форми на сексуална експлоатација, порнографија, принудна работа или слугување, питачење или експлоатација заради со закон забранета активност, ропство, присилни бракови, присилна фертилизација, незаконито посвојување или изнудување согласност како посредник да се посвои дете, недопуштено пресадување на делови од човеково тело, ќе се казни со затвор најмалку осум години”, a согласно став 2 од истиот член „Тој што делото ќе го стори со сила, сериозна закана, со доведување во заблуда или друга форма на присилба, грабнување, измама, со злоупотреба на својата положба или состојба на бременост, немоќ или физичка или ментална неспособност на друг, или со давање или примање пари или друга корист заради добивање согласност на лице кое има контрола на друго лице, или делото е сторено спрема дете кое не наполнило 14 години, ќе се казни со затвор најмалку десет години.”

Во врска со случајот со 12 – годишното девојче штитеник на ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми, од страна на МВР постапувано е од крајот на 2016 и во текот на 2017 година и 2018 година.

„Според евидентираните оперативни сознанија и комуникација со надлежното ОЈО, малолетното девојче во текот на споменатиот период е девет пати пријавувано за исчезнато лице од страна на вработени во социјално-згрижувачките установи, при што во сите девет случаи е постапувано од страна на соодветните полициски служби.

Во документираните случаи, разговарано е со лица инволвирани во незаконски дејствија од областа на кривични дела против половата слобода, за што се направени детални известувања доставени во надлежното ОЈО за натамошно постапување.

Имено, на 03.01.2017 по пријава за исчезнато лице, девојчето е пронајдено во населбата Шуто Оризари во домот на Џ.К. (68), којашто со сила ја задржала во својот дом со намера да и биде снаа. Констатирано е дека таму малолетничката имала сексуален однос со повозрасен човек. Направен е службен разговор со Џ.К., А.К. (44) и Ш.К. (39) и како можен сторител е детектиран Ш.К. за што од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје е направен посебен извештај којшто на 12.01.2017 година е доставен до надлежен обвинител при ОЈО Скопје за натамошни насоки и постапување.

Во друг документиран случај се работи за пријава од вработена во ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми на 28.09.2017 година, откако малолетничката се вратила  во домот после извесен период на отсуство. Вработената во оваа  ЈУ пријавила дека, според кажување на девојчето, тоа околу 2-3 недели во повеќе наврати имало сексуални односи со постаро лице. Веднаш е постапено по пријавата и од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје доставено е писмено известување од 02.11.2017 година, а дополнително известување е доставено и на 15.02.2018 година.

На 13.11.2017 год. околу 22.30 ч. од страна на ЈЗУ Општа болница – Детско одделение Велес во СВР Велес е пријавено дека кај нив е донесена малолетничката во безсознание. На 14.11.2017 г., по барање на МВР, ОЈО издаде писмена наредба за вршење преглед на детето во Судска медицина – Скопје. Врз основа на наодот од извршениот преглед,  документирана е кривична пријава против Е.У. до ОЈО Велес за полов напад врз дете, а истрагата е проширена и на други лица, за што ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО“, се вели во соопштението на МВР.

М.В