/ Прочитано:

4.556

НАДМИНУВАЊЕ НА ПРАВНАТА НЕСИГУРНОСТ ВО НАСЛЕДУВАЊЕТО: Стручната јавност за Граѓанскиот законик и реформата во македонското наследно право

Во Република Македонија во тек е подготовката на Граѓанскиот законик, со кој се очекува да биде уредена целокупната материја од сферата на граѓанското право, вклучувајќи го и наследното право, во еден законски текст на еден сеопфатен и систематски начин, со што ќе се добие нов квалитет во регулирањето на граѓанското право и ќе се надминат правните празнини, недоречености и противречности кои постојат во законите што ја регулираат оваа материја, беше истакнато на семинарот „Граѓанскиот законик и реформата во македонското наследно право“, во организација на Институтот за правно-економски истражувања и едукација „Јуридика Прима“.

Граѓанскиот законик, истакнуваат  проф. д-р Дејан Мицковиќ и доц. д-р Ангел Ристов од Правниот факултет „Јустинијан Први“, претставува најголема реформа во граѓанското право во државата, од нејзиното осамостојување до денес. Со Граѓанскиот законик треба да се интегрираат нормите со кои се уредуваат граѓанскоправните односи.

Декларираните цели за Граѓанскиот законик како дел од македонското законодавство се кодификација на граѓанското право, што од нормативно-правен аспект подразбира интегрирање на нормите со кои се уредуваат граѓанскоправните односи во комплетен и непротивречен систем, а во насока на поголема внатрешна хармонизација, усогласеност на правото и создавање на правна сигурност.

На семинарот „Граѓанскиот законик и реформата во македонското наследно право“ Мицковиќ и Ристов ги споделија своите видувања за потребните реформи во наследното право, подвлекувајќи дека конкретните предлози за реформи се базираат на наследноправната теорија од европските држави, како и на решенијата од споредбеното право и судската пракса.

„Во прилог на потребата од значајна реформа во сферата на наследувањето говори и фактот дека во последниве децении се случија големи промени во брачните и семејните односи кои неизбежно влијаат и врз наследувањето, поради тесната и нераскинлива врска помеѓу семејното и наследното право. Освен тоа, голем недостаток на постојниот Закон за наследување е што содржи бројни правни празнини, односно прашања што не се уредени и кои создаваат проблеми во практиката, што доведува до правна несигурност во сферата на наследувањето. Ваквата правна несигурност произлегува од фактот што бројни правни институти во македонскиот Закон за наследување воопшто не се уредени, а освен тоа постојат и институти кои се нецелосно или несоодветно регулирани, што доведува до различна примена на наследноправната регулатива во практиката“, вели д-р Дејан Мицковиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, кој на семинарот говореше за „Современите   тенденции   во   наследноправните   законодавства   и потребата од реформи на македонското наследно право во Граѓанскиот законик“.

За потребата од сериозна реформа во наследното право, вели професорот Мицковиќ, укажува и споредбеноправната анализа, од која се гледа дека, за разлика од Република Македонија, во најголем број законодавства на поранешните социјалистички држави се направени значајни реформи во сферата на наследувањето.

„Освен во поранешните социјалистички земји, и во голем број други европски земји во последниве децении се направени значајни реформи во сферата на наследувањето. За наследното право, покрај наведените промени, од големо значење се и промените во семејството и правното уредување на семејноправните односи, поради тесната врска што постои помеѓу семејното и наследното право. Поради тоа, за да се говори за реформите во наследното право, неопходно е да се наведат најзначајните промени и трансформации што се случуваат во семејството во европските земји“, посочува професорот Мицковиќ.

Сите овие трансформации, вели професорот, не доведоа до создавање на еден нов, доминантен семеен модел, туку до појава на плурализам на семејни модели. Основна причина за овие значајни трансформации во семејното право беше потребата индивидуалната слобода, автономијата на волјата и еднаквоста меѓу родовите, како главни карактеристики на бракот и семејството во современото општество, да се вградат во семејноправните системи на европските земји.

„Една од најзначајните трансформации во сферата на семејното законодавство во сите европски земји во изминативе стотина години е правното изедначување на мажот и на жената. Оваа трансформација има големо влијание и во сферата на наследното право, што се гледа преку постепеното подобрување на наследноправната положба на жената и нејзино изедначување со онаа на мажот во сите европски земји“, вели Мицковиќ.

„Друга значајна реформа во сферата на семејното законодавство е менувањето на правната природа на бракот и напуштањето на монополистичката улога на бракот, кој во минатото уживаше привилегиран третман и посебна заштита во сите европски земји. Оваа трансформација се гледа преку либерализацијата на разводот на бракот и постепеното правно регулирање на вонбрачната заедница“, посочува професорот.

Во однос на темата за „Најзначајните реформи во Книга IV – Наследноправни односи од Нацртот на Граѓанскиот законик на Република Македонија“,  доц. д-р Ангел Ристов вели дека Комисијата за подготовка на Граѓанскиот законик подготвила значајни реформи на наследнопрваното законодавство кои се однесуваат на воведување и детално регулирање на договорот за наследување, предвидување на правото на законско наследување на постхумно зачнатото дете, воведување на можноста вонбрачните партнери да се јават како законски наследници, менување на правната природа на правото на нужен дел и предвидување тој да има облигационоправна природа, воведување на нотарскиот тестамент, востановување на регистарот на тестаменти, предвидување исклучива надлежност на нотарите во сферата на наследноправните договори и др.

Поновите предложени реформи на Комисијата, вели Ристов, се однесуваат и на предвидувањето на право на плодоуживање на заедничкиот дом на брачниот партнер во вториот законски наследен ред, предвидување на поголема заштита на правата на доверителите, попрецизно уредување на одредбите за прифаќање и откажување од наследство, предвидување посебен режим на наследување на земјоделското земјиште и фарми, уредување на наследувањето на акции и удели во друштва, како и издвојување на делот од заедничкиот имот на брачниот или вонбрачниот другар.

 „Во важечкото македонско наследно законодавство, за разлика од поголем број други европски законодавства, не постојат одредби со кои се уредува можноста преживеаниот брачен другар да продолжи да го користи заедничкиот дом и по смртта на оставителот. Ваквото решение во практиката создава проблеми, особено за постарите лица кои продолжуваат да живеат во заедничкиот дом, а останатите наследници бараат да биде извршена делба на оставината“, истакнува Ристов.

Во однос на предвидувањето на поголема заштита на правата на доверителите, Ристов вели дека и покрај тоа што законските одредби се доволно јасни и прецизни, во реалноста чести се случаите кога наследниците се заинтересирани само за наследувањето на правата, но не и за намирување на имотните обврски спрема доверителите на оставителот.

„Во таа смисла, искуството и досегашната практика во сферата на наследувањето покажуваат дека оваа законска одредба е предмет на злоупотреби од страна на наследниците. Феноменот на умирање без долгови е често присутен во практиката, со што се усложнува и се отежнува положбата на доверителите кои се изложени на непотребни судски постапки и финансиски трошоци“, посочува Ристов.

Во врска со попрецизното уредување на одредбите за прифаќање и откажување од наследство, Ристов нагласува дека македонското законодавство не содржи прецизно определен рок во кој наследникот треба да даде наследничка изјава и дека поради тоа во практиката се јавуваат бројни проблеми.

„Сметаме дека, по примерот на поголем број европски држави, и во Македонија треба да се предвиди рок во кој наследникот треба да даде наследничка изјава“, истакнува доц. д-р Ангел Ристов.

 За прашањето кое се однесува на предвидувањето посебен режим на наследување на земјоделско земјиште и  фарми, Ристов посочува дека во Граѓанскиот законик на Македонија треба да се предвиди посебен правен режим за наследување на земјоделското земјиште и за фармите, а ова прашање подетално би се регулирало со посебен закон.

„Со оваа реформа треба да се постигнат две основни цели. Прво, да се спречи натамошното расцепкување на земјоделското земјиште и второ, да се обезбеди земјиштето да им припадне на оние наследници кои сакаат и кои можат да го обработуваат, при што би биле заштитени и имотните права на другите наследници“, образложува Ристов.

Во македонското наследно законодавство, образложува понатаму Ристов, за разлика од повеќе други европски законодавства, не се предвидени посебни одредби за наследување на удели и акции во трговски друштва. Вакви одредби, предочува доцентот на Правниот факултет, се предвидени во Законот за трговски друштва.

 „Сметаме дека е потребно во Граѓанскиот законик на Република Македонија да постои една упатувачка норма со која ќе се уреди посебниот режим за наследување на акции и удели, што подетално ќе биде уредено во Законот за трговски друштва“, вели Ристов.

За предвидувањето на субјективни критериуми за остварување  на правото на нужен дел, Ристов истакнува дека наместо досегашното решение, според кое децата на оставителот по автоматизам стануваа нужни наследници, неопходно е да се воведат дополнителни критериуми кои ќе тргнуваат од способноста за работа и потребата од нужни средства за живот, како основа за добивање на нужен наследен дел.

 Во врска со прашањето за издвојувањето на делот од заедничкиот имот на брачниот или вонбрачниот другар, доц. д-р Ангел Ристов вели дека во македонското наследно право потребно е да се предвиди експлицитна одредба дека делот од заедничкиот имот на надживеаниот брачен другар треба да се издвои од составот на оставината.

„Со ваквото решение би се олеснила работата на нотарите, би се зголемила правната сигурност и остварувањето на правата на граѓаните во наследното право и би се спречиле непотребните долги и скапи судски постапки“, посочува Ристов.

 Доц. д-р Ангел Ристов додава дека во подготовката на Граѓанскиот законик новина е и предвидувањето на одредба за промените во своерачниот тестамент, воведувањето на тајниот тестамент, предвидување кога се применува законското наследување, подробно дефинирање на поимот сродство, линиите и степените на сродство, дефинирање на содржината на тестаментот, подобро уредување на наследничката трансмисија, дефинирање на поимот тестамент, како и задолжително предвидување на причината за исклучување од наследство.

Преку наследноправната теорија до суштински реформи во наследното право

М.В