/ Прочитано:

1.949

Најавен нов Закон за осигурување за поголема заштита на осигурениците и усогласување со ЕУ-законодавството

Денеска во Скопје се одржа завршен настан по повод твининг проектот „Понатамошна хармонизација со ЕУ во областа на осигурување и зголемување на пазарните операции“

Во насока на понатамошно усогласување со законодавството на ЕУ во областа на осигурувањето и зголемувањето на пазарните операции, Министерството за финансии во соработка со Агенцијата за супервизија на осигурување и Меѓународната ибероамериканска фондација во изминатиот 21 месец работеше на твининг проект, за што денеска имаше завршен настан.

Основната цел на проектот беше транспонирање на Директивата за основање и водење деловни активности за осигурување и реосигурување – Солвентност 2 во нов Закон за осигурување. Директивата за Солвентност 2 поставува нови построги барања за адекватноста на капиталот, за процесот на управување со ризиците на друштвата за осигурување, за супервизијата базирана на ризик, како и за начинот за известување, сѐ со цел заштита на осигурениците, односно корисниците на осигурување и заштита од нарушувањата на пазарот за осигурување, истакна министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски на завршниот настан.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешниот настан го изрази своето задоволство од успешното завршување на проектот, во кој Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување се носители, а Шпанскиот  надзорен орган за осигурување и пензиски фондови, партнер од земја членка на ЕУ.

„Користејќи ги искуството и стручноста на Шпанскиот надзорен орган за осигурување и пензиски фондови во областа на регулирањето и супервизијата на осигурувањето, како и големото искуство во имплементација на релевантни проекти во регионот и пошироко, можам да кажам дека завршивме еден успешен проект“, нагласи Тевдовски.

Министерот за финансии во врска со новиот Закон за осигурување истакна дека со законот ќе се зајакне и заштитата на осигурениците, ќе се обезбеди транспарентност во работењето на осигурителните друштва и ќе се постигне поголема подготвеност на осигурителната индустрија за соочување со конкурентските притисоци од внатрешниот пазар на ЕУ.

Јаромир Левичек од Делегацијата на ЕУ во Скопје истакна дека стабилноста, праведната конкуренција и цврстината на институциите се приоритет за осигурителниот пазар во ЕУ, додавајќи дека ЕУ во извештајот за минатата година оцени дека Македонија е делумно подготвена за давање на осигурителните услуги.

M.В