/ Прочитано:

1.042

Најавено ревидирање на Законот за безбедност и здравје при работа

Министерството за труд и социјална политика, Националниот совет за безбедност и здравје при работа, со поддршка на Канцеларијата на „Фридрих Еберт Стифтунг“ – Скопје, со доделувања на националната награда и признанија за придонес на компаниите,  го одбележаа Светскиот ден за безбедност и здравје при работа. На настанот беше најавено ревидирање на Законот за безбедност и здравје при работа.

„Во текот на оваа година продолжуваат активностите за ревидирање и унапредување на постоечката законска рамка во областа на безбедноста и здравјето при работа, односно ревидирањето на Законот за безбедност и здравје при работа. Се надеваме дека со овие измени и унапредувања на законските одредби, пред сè, ќе ја подобриме практичната имплементација на законот, кој е донесен пред повеќе од 10 години и во овој период се детектирани повеќе слабости и можности за негово подобрување. Истовремено, со вклученост на сите засегнати страни подготвуваме и целосно нов Закон за работните односи, со кој се унапредуваат работничките права и кој ќе биде усогласен со сите меѓународни конвенции“, изјави министерката Царовска.

Во целиот овој процес се вклучени советодавното тело кое дава значаен придонес во изминатиот период, како во креирањето на стратешките и оперативни документи од областа така и во следењето на состојбите во делот на БЗР, поттикнување на иницијативи, но и сите останати здруженија, организации на работодавачи, организации на работници, експерти и стручни лица од областа.

Претседателката на Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Јованка Каранџинска-Бислимовска, рече дека ѝ претставува особена чест што годинава државата се приклучува кон меѓународната иницијатива за одбележување на 28 април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

„Годинешното мото за одбележување на Светскиот ден за БЗР е ‘Заедно за безбедна и здрава работа во иднина’, инспирирани од веќе отпочнатите глобални анализи, дискусии и дебати на тема ‘Работата во иднина’. Кога дискутираме за тоа како ќе изгледа работата во иднина, со сите промени кои ќе се случуваат и кои веќе се случуваат, неопходно е да мислиме и на аспектите кои задираат во безбедноста и здравјето при работа, и на тоа како политиките и системите за БЗР да ги унапредуваме и да ги прилагодуваме за да можат и тие соодветно да одговорат на очекуваните предизвици“, рече Каранџинска-Бислимовска.

Националната награда што ја доделува Советот за безбедност и здравје при работа на компаниите со најдобра пракса во областа на БЗР за 2018 година ја добија ЕВН Македонија електрани ДООЕЛ, Џонсон Мети ДООЕЛ и ДС Смитх АД Скопје.

М.В