/ Прочитано:

5.654

„НАЈДОБАР МЛАД ПРАВНИК ВО ЕВРОПА“: Иван Николов – добитник на стипендијата од Академијата за европско право и право на ЕУ 

Иван Николов од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ е добитник на стипендијата од германската Академија за европско право и право на ЕУ за најдобар млад правник во Европа. Станува збор за реномирана стипендија што се доделува само на еден студент во Европа.

Минатата година Николов од истата Академија ја доби и стипендијата за најдобар студент, со што му се отвори можноста да оди на студиски престој во Европскиот суд на правдата во Луксембург. Оваа година, вели Николов, како најдобар правник во Европа за 2018 година,  ќе имам и студиски престој во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Република Франција.

„Во Стразбур ќе одам во април 2018 година. Исто така, ќе одам и во  Прага, Република Чешка, каде што ќе учествувам на Карловиот Универзитет на настан посветен на борбата против транснационален криминал. За овие значајни признанија и можности аплицирав минатата година со препораки од моите професори од Катедра за кривично право при Правниот факултет. За мене лично преставуваше голем успех кога ме избраа, но тоа воедно беше признание и за Универзитетот, за моите професори, за македонското правно образование и секако за Република Македонија“, вели Николов.

„Овој успех претставува резултат на мојот досегашен труд во образованието. Голема предност е што  ја претставувам државата,  особено ако се земе предвид фактот дека сум единствен од Балканот што ја добива оваа стипендија. Германската  Академија е мошне значајна институција и од неа се дел судии, обвинители, адвокати, универзитетски професори од целиот свет, како и експерти од Европската Унија“, додава Николов, посочувајќи дека ваквото признание за него воедно претставува и морална сатисфакција.

Ова, додава Николов, е потврда дека се цени трудот што го вложувам во своето образование. Тоа ми дава поттик за понатамошно надградување во едукацијата и практиката која се однесува на кривичната материја.

„Живееме во општество каде што можноста  да се надградуваш професионално не е толку лесно и треба да се искористи секоја шанса што ни се нуди. Самото признание за најдобар правник во Европа и присуството на Академијата ми овозможуваат да се стекнам со најновите правни достигнувања во областа на кривичната материја и борбата против организираниот криминал во Европа и напорите што се вложуваат кон подобрување на законската легислатива на Европската Унија.  Дружењето со истакнати правници, судии и обвинители како од националните судови на земјите членки од ЕУ така и од Европскиот суд на правдата во Луксембург и Европскиот суд за човекови права е непроценливо. До ден денес сум во комуникација со судии од Словенија, Романија и Англија“, истакнува Иван Николов.

М.В