/ Прочитано:

1.191

Најдобар начин за толкување на Европската конвенција се пресудите на Европскиот суд за човековите права

Академијата за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев” во соработка со ИПА-проектот „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки“ организираше Советување на тема: „Кривичноправни аспекти на корупцијата/Споредбена пракса на ЕСЧП“.

foto

На Советувањето се претставија сите кривичноправни аспекти на корупцијата преку презентирање на споредбената пракса на Европскиот суд за човекови права и Република Хрватска, како и преку презентирање на случаи од практиката во постапките за кривични дела на корупцијата.

Во таа насока, на советувањето се говореше за стандардите на ЕКЧП, за превентивните механизми за спречување на корупција во водењето на кривичните постапки, за праксата на ЕСЧП, а беше презентирана и студија на случај во врска со спроведувањето на ефективната истрага во Република Хрватска и во Република Македонија и во однос на членот 6 од Европската конвенција за човековите права, а во врска со еднаквоста на оружјата.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска, рече дека заклучно со овој период, во однос на Република Македонија, досега се донесени вкупно 129 пресуди. Во согласност со анализата на македонските случаи, додаде Арнаудовска, 70 отсто се однесуваат на членот 6 или 55 отсто од македонските случаи се однесуваат на прекумерната должина на постапката.

„Последните неколку години почнаа да доаѓаат случаите за повреда на другите членови на Европската конвенција за човекови права. Во однос на членот 6, пропустите се состојат во предолгото траење на постапката поради честото одлагање на рочиштата, поради неможноста за обезбедување на обвинетиот или на сведоците, поради неуредна достава, поради долгото траење на процесот на вештачењето или поради одбивање на предлозите за дополнително вештачење кое Европскиот судот го карактеризира како нерамнотежа на еднаквоста на оружјата. Другите повреди на членот 6 се однесуваат на користење на незаконско прибавени докази, на искази добиени од заштитен или од анонимен сведок, а повредите на еднаквоста на оружјата, главно, се во врска со недоставување на поднесоците на спротивната странка или неповикување на рочиштето за определено процесно дејствие“, посочи Арнаудовска.

Судијата во Врховниот суд на Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО), Марин Мрчела, истакна дека мошне важен сегмент во однос на Европската конвенцијата за човековите права е нејзината корелација со другите прописи во државата. По правило, рече Мрчела, она што е запишано во Конвенцијата е запишано и во Уставот.

„Мора да знаеме дека кога некоја држава потпишува некој меѓународен акт или кога влегува во некоја меѓународна организација, таа во еден дел се откажува од својот суверенитет. Најдобар начин за толкување на Уставот се одлуките на Уставниот суд – додека пак на Европската Конвенција пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Во врска со примената на новиот Закон за кривична постапка, Мрчела истакна дека  правото секогаш е подложно на промени и дека новините во кривичното законодавство најдобро ќе ги проучуваат оние што немале можност да го применуваат старото кривичнопроцесно законодавство. Не е проблемот да се научи новото, туку да се заборави старото, потенцираше Мрчела, кој понатаму ги сподели хрватските искуства во врска со примената на новините во кривичното законодавство, за предметите во однос на судењето во разумен рок, за воведувањето на пробациската служба, како и за случаите на корупциските предмети.

Во таа насока, Мрчела советуваше дека е потребно детално внимание на предметите што се однесуваат на големи корупциски предмети и затоа треба да се внимава на многу аспекти на постапката, особено на правата што произлегуваат од  Европската конвенција за човековите права.

Лаура Валковиќ, адвокатка од Република Хрватска, говорејќи за обемот и опсегот на минималните права на одбраната, според стандардите и практиката на ЕСЧП, се фокусираше на тоа дека правото на одбрана е предвидено во Европската конвенција за човекови права и според членот 6 од Конвенцијата секој има право да му бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаност на какви било кривични обвиненија против него, правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен суд воспоставен со закон.

„Во согласност со Конвенцијата, секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин сѐ додека неговата вина не се докаже по законски пат. Исто така, како што се предвидува во Конвенцијата, на секој обвинет му се гарантираат минимални права“, рече Валковиќ, додавајќи дека тие права се однесуваат особено на тоа обвинетиот да биде известен на јазикот што го разбира за природата и причините на обвинението поведено против него, потоа дека обвинетиот има право да добие бесплатен службен адвокат кога тоа го наложуваат интересите на правдата, но и дека има право да добие искусен, компетентен и делотворен бранител.

M.В