/ Прочитано:

2.886

Најдобар универзитет во светот е Харвард,  а македонските универзитети ги нема на Шангајската листа

Македонските универзитети и годинава не се рангирани на Шангајската листа на најдобри универзитети во светот.

На Шангајската листа на академско рангирање на светски универзитети за 2018 година, објавена денеска, се наоѓаат илјада универзитети. На прво место, 16-та година по ред, е Универзитетот Харвард, на второ место е Универзитетот Стенфорд од САД, а на трето британскиот Универзитет Кембриџ.

Следните десет најдобри универзитети се МИТ, Беркли, Принстон, Оксфорд, Колумбија, Калтеч и Чикаго. Универзитетот во Цирих, кој е на 19. место, останува да биде најдобро рангиран во Европа, а Универзитетот во Копенхаген е на второто место, односно на 29. место на Шангајската листа.

На третото место во Европа е Универзитетот Сорбона, кој е на 36. место  на Шангајската листа најдобро рангирани високообразовни институции.

Од земјите во регионот, најдобро рангирани се Универзитетот во Белград и Универзитетот во Атина, кои се меѓу 300. и 400. место, а Универзитетот во Љубљана, Универзитетот „Аристотел“ од Солун и Техничкиот универзитет од Атина се позиционирани меѓу 400. и 500. место.

Универзитетот во Марибор и Универзитетот во Загреб се меѓу 500. и 600. место. На Шангајската листа е рангиран и Универзитетот во Софија меѓу 900. и 1000. позиција.

Шангајската листа што секоја година ја објавува Универзитетот Циао Тонг од Шангај е една од највлијателните листи која ги рангира најдобрите универзитети во светот.

Клучни критериуми за рангирање на универзитетите, меѓу другото, се бројот на објавени научни трудови во меѓународни списанија, бројот на добитници на Нобелова награда и Филдсов медал кои студирале на универзитетот или работат таму.