/ Прочитано:

1.523

Најголем успех на осигурителниот сектор во последната декада

Минатата 2018 година претставува најуспешна година за осигурителната индустрија во нашата земја во последната декада. Осигурителниот сектор забележа раст во однос на сите сегменти на неговото функционирање: бруто полисираната премија (БПП), бројот на продадени договори за осигурување, поголема исплата на штети, пораст на капиталот, пораст на активата и на финансиските вложувања како дел од активата, како и поголема профитабилност на друштвата за осигурување, истакна д-р Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, на прес-конференцијата во Стопанската комора на Македонија (4.3.2019 година).

Во 2018 година остварена е БПП во вкупен износ од 9,93 милијарди денари, што претставува пораст на приходите од 10,40% во однос на претходната година.

Во текот на 2018 година друштвата за осигурување склучиле 1.476.374 договори, при што се забележува пораст од 6,55%, од кои 1.454.110 полиси се во рамките на неживотно осигурување, што претставува пораст за 6,26%, додека 22.264 се полиси за осигурување на живот, односно зголемување од 29,57% во споредба со 2017 година.

Во својата презентација на остварените резултати на осигурителниот сектор од минатата година, Попоски напомена дека во делот за неживотно осигурување остварена е БПП во износ од 8,55 милијарди денари (раст на приходите од 9,43%).

Во структурата на БПП, најзначајна категорија е задолжителното осигурување од автоодговорност (АО), со учество од 43,45%. БПП за оваа класа на осигурување изнесува 4,31 милијарди денари и во споредба со 2017 година бележи пораст од 6,04%.

Втора поголема категорија во структурата на БПП претставува осигурувањето на имот со 17,31% учество со остварен раст од 19,68%, додека доброволното осигурувањето на патнички возила (каско), кое учествува со 8,03% во вкупната БПП, оствари зголемување од 5,42% со БПП 797,32 милиони денари при истовремен пораст и на бројот на склучени договори за 6,72%.

Минатата година се забележува голем подем и во продажбата на здравственото осигурување. Во 2018 година остварена е БПП од 125,71 милиони денари што претставува пораст од 116,37% во однос на претходната години.

Кај осигурувањето на живот се забележува пораст на приходите од 15,48% во однос на претходната година, со остварена БПП од 1,67 милијарди денари, со што продолжува трендот на двоцифрена стапка на пораст на приходите.

Друштвата за осигурување во 2018 година исплатиле бруто-износ на штети од 3,92 милијарди денари. Во споредба со 2017 година бруто исплатените штети бележат пораст од 9,53%, додека, учеството на реосигурувањето во бруто исплатените штети изнесува 13,19%.

Во периодот 1.1.-31.12.2018 година осигурителниот сектор оствари добивка по оданочување во износ од 394,94 милиони денари.

Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија, истакна дека осигурителната индустрија во Македонија континуирано се развива и станува исклучително конкурентна и динамична, што секако придонесува за  подобрување на квалитетот на услугите што се нудат.

„Генерално, осигурителниот пазар во Македонија сè уште има простор за раст, особено во незадолжителните класи на осигурување, и тоа кај осигурувањето на имот и на живот, приватното здравствено осигурување и посебно осигурувањето од професионална одговорност, имајќи го предвид сè поголемиот интерес и поголемата едукација на граѓаните за потребата од осигурување“, истакна Војновиќ.

М.В