/ Прочитано:

964

Најмалку 3 жртви и 140 повредени во експлозиите на Бостонскиот маратон

Вторник, 16 април 2013 – Најмалку 3 лица загинаа и над 140 се повредени во вчерашните експлозии што се случија на самото финале на бостонскиот маратон. Од повредените, најмалку 17 лица се во критична состојба. Двете екслозии одекнале речиси истовремено, а нивната оддалеченост била само сто метри. Полицијата открила уште две неактивирани бомби поставени сосема на крајот од 42-километарската линија на маратонот. 

Белата куќа ги третира вчерашните експлозии како терористички напад, па истрагата во свои раце ја презеле од ФБИ. Медиумите пишуваат дека полицијата се уште врши претрес во становите во предградието на Бостон. Бостонскиот маратон традиционално се одржува секоја година по повод празникот во државата Масачусетс, Денот на патриотите, а важи за најстар градски маратон во светот и кој се организира од 1897 година. Оваа година учествувале 23 илјади лица. 

Градоначалникот на Вашингтон, Винсент Греј изјавил дека нема информации оти американскиот главен град може да биде цел на напади по бомбашкиот напад за време на Бостонскиот маратон. Тој информирал дека ситуацијата внимателно се следи и постојат планови за реагирање ако се случи каков било напад. Полицијата во Вашингтон е со засилени патроли во метро станиците. 

Претседателот на САД, Барак Обама изјавил дека се уште не се знае кој и зошто го извел нападот во Бостон, но нагласил дека поединец или група која тоа го сторила ќе биде откриена и правдата ќе биде извршена. Претседателот информирал дека истрагата е во тек.

„Продолжуваме да ја следиме ситуацијата. Американците се молат за Бостонци, како и Мишел и јас за семејствата на жртвите. Разговарав со лидерите на двете партии во Конгресот, денес не сме републиканци или демократи, туку Американци“, изјавил Обама на вчерашниот брифинг во Белата куќа.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун ги осудил смртоносните бомбашки напади на Бостонскиот маратон, каде има најмалку тројца загинати, меѓу кои едно 8-годишно дете, а бројот на ранети е над 140. 

„Оваа пројава на насилства е ужасна бидејќи се случува на настан каде се собираат луѓе од цел свет во спортски дух и хармонија. Сакам да изразам најдлабоки сочувства до семејствата на жртвите и да им посакам на повредените побрзо закрепнување“, изјавил Бан.  Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг изјавил дека е шокиран од нападот. На јавоста и се обратил преку својот „Твитер“ профил: „Мислите ми се со сите жртви“. Франција увери за поддршка и солидарност до САД .  „Во овие тешки моменти мислите ни се со семејствата на жртвите и ранетите. Упатувам целосна поддршка и солидарност до локалните и федералните власти“, изјавил портпаролот на француското МНР Филип, Лалио.  Францускиот министер за внатрешни работи, Мануел Валс, побара од локалните шефови и силите за безбедност итно да ги засилат патролите низ државата. Засилено е и обезбедувањето на владини згради. 

Британската полиција повторно ги разгледува плановите за безбедност на Лондонскиот маратон кој ќе се одржи в недела и каде се очекуваат повеќе од 30 илјади учесници.

Во Јапонија исто така е засилено обезбедувањето на места каде се собираат голем број луѓе, јавија локални медиуми. Засилено е и обезбедувањето на воени објекти во државата како и обезбедувањето на американски воени бази во Јапонија.