Најмногу поплаки за работата на јавните обвинители поради неажурно постапување по поднесени кривични пријави

Годишниот извештај на Советот на јавни обвинители е пред пратениците. Постапувањето по претставки и поплаки на граѓаните и правни лица за работата на јавните обвинители е законска обврска, која во 2020 година од Советот целосно е извршена, се вели во извештајот.

Доминантен е бројот на претставки поднесени од оштетени лица во постапките

„Во 2020 година, Советот постапувал по вкупно 200 претставки, што во однос на 2019 година, кога биле евидентирани 171 претставки, е зголемување на обемот на работа за 29 претставки, или 14,5 %.

Од вкупно 200 претставки, најголемо учество со поднесени 162 претставки заземаат физички лица, од кои 155 претставки поднесени се од оштетени, 3 се од обвинети и 4 се од други субјекти.

Статистичките податоци укажуваат дека од вкупно поднесените 200 претставки,  непосредно до Советот се поднесени 196, а индиректно преку други институции се препратени, т.е. поднесени 4 претставки.

Од изразените статистички податоци евидентна е констатацијата дека во вкупниот број на поднесени претставки, 200, обвинетите лица учествуваат со само 1,5 %, или во бројки само 5 претставки, додека доминантен бројот претставки, 155, или 77,5 % поднесени се од оштетени лица во постапките“, се нотира во извештајот.

По конкретни јавни обвинителства поднесени се:

4  претставки  за  Јавното обвинителство на РСМ,

6  претставки  за    вишите јавни обвинителства,

16 претставки за Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  и

174  претставки  за  основните јавни обвинителства.

„Од изнесените податоци може да се заклучи дека најголем број претставки се однесуваат на работата на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје, со оглед на обемот на работата што ова обвинителство го има во однос на работа на сите останати основни јавни обвинителства во Републиката.

Оштетените граѓани и правни лица се незадоволни поради наводно непостапување или неажурно постапување по поднесени кривични пријави и недобивање известувања од нивна страна во подолг период, а особено се незадоволни од  донесените  решенија за отфрлање на кривичните пријави, кои во голем процент и се обжалени до вишите јавни обвинителства.

Во мал број случаи претставките се однесуваат и за застарувања на кривичното гонење. Во одредени случаи се забележува несоодветно постапување на основните обвинителства по упатствата на вишите јавни обвинителства. Поради недостигот на јавни обвинители и друг јавнообвинителски кадар во основните јавни обвинителства, како што е и претходно наведено,  се забележува зголемување на неажурноста во истите.

Обвинетите лица како подносители на претставките се незадоволни што против нив се водат кривични постапки, сметаат дека обвиненијата против нив се тенденциозни и дека се резултат на нестручно постапување на јавните обвинители. Обвинетите сугерираат за повлекување на обвиненијата, за нивно прецизирање или за измена на правната квалификација на кривичното дело и слично. Претставките на оштетените и обвинетите лица се и со барања за изземање на јавните обвинители, утврдување  на  дисциплинска одговорност и нивно разрешување“, се образложува во извештајот.

Воочени се пропуштања во постапувањата

Советот во 2020 година, во согласност со Законот, а на начин и во постапката пропишана со Деловникот за неговата работа има постапено по сите претставки.

„Потребно е да се напомне дека од страна на јавните обвинителства до кои се упатени барањата за вршење надзор над работењето и проверување на наводите во претставките се доцни со одговорите. Посебно тоа се однесува на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, поради што се доцни и со одговорите до подносителите на претставките од страна на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.

Мораме да нагласиме дека во текот на проверките на наводите во претставките, воочени се пропуштања во постапувањата на јавните обвинители од формална природа, во мал дел и пропуштања од суштинска природа. Поради тоа од повисоките јавни обвинителства им е укажувано во иднина да не се повторуваат вакви повреди, меѓутоа  констатирано е дека истите не биле од влијание на законитоста  на донесените одлуки“, посочуваат од Советот.

М.В